Мицкоски му одговори на Вархеји: Некој друг ја премина линијата на здравиот разум

Единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во интервјуто за редакцијата на „Дојче Веле“ на македонски јазик Мицкоски одговори на острите критики кон најголемата македонска опозициска партија од страна на еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји. Во вчерашното интервју за „Еуроактив“ Вархеји порача дека македонската опозиција ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.

-За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата, изјави меѓудругото Вархеји.

На прашањето на „Дојче Веле“ дали опозицијата ги поминала црвените линии Мицкоски одговори дека се поминати некои други црвени линии.

– Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеји кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати – тргува со идентитетските обележја. Но исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот каде седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба, потенцира Мицкоски.

На прашањето дали е можно Собранието да се прогласи за „ненадлежно околу распишување на референдумот“ Мицкоски одговори дека власта очигледно бега од референдумот.

-Не се сомневам дека власта ќе направи сѐ само за да не се соочи со народот. Бегаат од референдум, бегаат од избори, а суштината е дека бегаат од народот. Ако Собранието било ненадлежно, зошто тогаш носеа заклучоци… На крајот, во заклучоците стои дека Собранието ѝ препорачува на Владата да ја усвои и прифати предложената рамка. И тука нема бегање преку барање на процедурално алиби. Воедно за сите детали околу самото прашање референдум, консултациите се во тек и во втората половина на наредниот месец ќе излеземе со прецизни решенија кои ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се срушат овие штетни политики и очигледни блокади, рече тој.

Претходна вестЗапочна Летната школа по македонски јазик во Охрид за децата на иселениците
Следна вестНе сообраќаат возови на линијата Скопје – Табановце, немало машиновозачи