Мицкоски: Притисоците ќе се засилат јас нема да отстапам ни милиметар

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува да се засилат притисоците од дипломатите за промена на Уставот, но дека тој ниту за милиметар нема да отстапи и останува на ставот дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени. Според Мицковски сегашното ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од времето кога беше потпишан Преспанскиот договор е многу пообединето и поцврсто.

– Ќе продолжат, притисоците нема да престанат. Ако мислите дека ќе се откажат, нема да се откажат. Затоа што овие од Владата бараат да се прават притисоци. Нема проблем, јас немам проблем да ги истрпам тие притисоци. Тие притисоци се и ќе продолжат. Дали се жестоки? Да, жестоки се. Но, она што е поразлично од Преспа е што ВМРО-ДПМНЕ е консолидирано, обединето, и нема слаба алка внатре. Сега не се други центри на влијание, сега ВМРО-ДПМНЕ како целина е центар на влијание. Единствено е ВМРО-ДПМНЕ, политичките ликови во ВМРО-ДПМНЕ се единствени не затоа што водиме инает, туку затоа што сакаме да добие овој народ нешто, изјави Мицкоски од скопската населба Илинден.

Опозицискиот лидер им порача на дипломатите кои допрва ќе доаѓаат, да внимаваат на својот углед кога се фотографираат и ја поддржуваат Владата на ДУИ и СДСМ, бидејќи се сликаат, како што рече, со криминалци.

– Порачувам на сите коишто доаѓаат, луѓето кои го водат процесот денеска -Владата на ДУИ и СДСМ се некредибилни и не уживаат авторитет кај граѓаните. Секој од нив треба да е свесен дека кога ќе застане до тие луѓе самиот си прави проблем, бидејќи набрзо од денеска ќе мора да се соочи со фактот дека стоел, се сликал и позирал со луѓе коишто длабоко биле вовлечени во криминал и корупција и тоа не знам како ќе биде во нивните матични држави прифатено, рече Мицкоски.

Тој повтори дека излез од проблемот се брзи предвремени парламентарни избори на кои партиите ќе излезат со план за надминување на проблемот.

Претходна вестПриведени 4 лица од Скопје под сомнение дека поседувале дрога
Следна вестГТЦ испорача загуба од 646.000 евра