Младите бегаат од Бугарија: „Тука е хаос“

Празни ходници и само осум доенчиња во креветчиња. Одделот за акушерство во бугарскиот град Габрово ви кажува сè што треба да знаете за драстичниот пад на наталитетот во Бугарија.

„Овде не останаа многу луѓе во репродуктивна возраст. Младите заминаа во големите градови и во странство во потрага по работа“, изјави педијатарот Бистра Камбурова (68) за АФП, пренесува „Макфакс“.

Габрово е симбол на намалувањето на бројот на жители во најсиромашната членка на ЕУ. Некогаш познат како „бугарски Манчестер“ поради својата силна индустрија, градот изгубил половина од своите жители од 1985 година.

Корупцијата, немањето перспектива и спиралата на политички кризи ја избркаа разочараната младина. Бугарија за десет години загуби десетина од своите жители и е меѓу земјите во светот со најбрза депопулација.

Сега има 6,52 милиони жители во споредба со речиси 9 милиони во 1989 година. А четвртина од населението е над 65 години.

Индустриите во Габрово вработуваа илјадници работници за време на комунизмот, пред фабриките да бидат напуштени поради стечај и приватизација. Сега е регион со најнизок наталитет и најненаселени села во државата.

-Овде почнав да работам во 1985 година. Тогаш бројот на раѓања сè уште беше доста голем – околу 1.000 новороденчиња годишно, вели докторката Камбурова, чии двајца возрасни синови се меѓу оние што го напуштиле Габрово.

Минатата година на месноста Габрово се родиле само 263 деца, кои ги чувала оваа енергична педијатарка, која продолжува да работи иако ја поминала старосната граница за пензионирање и за „мизерна плата“, пишува АФП.

Многумина од оние што останаа со задоволство би си заминале.

-Во Габрово уживате во мир и чист воздух, но тоа е пустина во која може да се сретнете само со стари луѓе, вели 23-годишната Христијана Крастева, логопед која неодамна роди девојче.

Нејзиниот сопруг, кој работи како столар, се подготвува да замине во Британија во потрага по подобра иднина за своето семејство.

Стоејќи пред првото јавно училиште во Бугарија, основано во Габрово во 1835 година, гимназијалецот Иво Димитров исто така сака да замине во Западна Европа за да добие „квалитетно образование и нови хоризонти“.

-Тука е хаос, рече тој, критикувајќи ја негрижата на политичката класа.

И покрај помошта од Брисел откако Бугарија влезе во ЕУ во 2007 година за да помогне во развојните проекти, транспортот и туризмот, Габрово има сè помала потреба од работници.

 

Претходна вестАрсовска остана и без заменичката Бујаре Абази
Следна вестМФ апелира да се усвои предлогот со кој обложувалниците ќе бидат 500 метри оддалечени од училиштата