Бугарскиот амбасадор во земјава Жељазко Радуков денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи во Скопје, каде што му бил упатен усен демарш поради употребата на терминот „северномакедонски“ од страна на новата шефица на бугарската дипломатија Весислава Петрова Чамова.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека на средбата бил изразен протест поради, како што наведуваат, несоодветното адресирање од страна на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, која во изјава по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на Европската Унија употребила неправилна придавка изведена од името на државата.
Станува збор за изразот „северномакедонски партнери“, кој од македонска страна е оценет како неточен и неприфатлив.
Реакцијата следи по изјавата на Весислава Петрова Чамова од Брисел, во која таа навела дека имала средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и дека го информирала за ставовите на Бугарија во однос на европскиот процес на земјата.
Министерот Муцунски претходно реагираше дека немало официјална средба, туку кратка размена на зборови, додавајќи дека употребата на терминот е несоодветна и неточна.



