МЗТ во финишот спречи изненадување против ФМП

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до осмата победа во низа во Првата лига, откако вечерва, на домашен терен, далеку потешко од очекувањата го совладаа аутсајдерот Академија ФМП (79-72).

„Металците“ одлично го почнаа мечот. Првата четвртина ја добија со 19-10 и ништо не навестуваше дека натпреварот ќе има неизвесна завршница.

Но, откако МЗТ на полувреме замина со предност од 35-26, извонредно одиграна трета четвртина на ФМП Академија која ја доби со 23-32, за да во последниот период од играта се влезе со израмнети 58-58.

И низ игра поен за поен во последната четвртина, во последните две минути од средбата повторно се влезе со еднакви 72-72. За да конечно шампионот со две едноподруго тројки, на Војдан Стојановски и на Баковиќ дојде до водство од 78-72 на една минута до крајот, со што и дефинитивно го скрши отпорот на гостите за конечни на крај 79-72.

Војдан Стојановски беше најдобар кај „аеродромци“ со 21 поен, а Баковиќ заврши со 15 постигнати поени. Ворку запиша 13 поени, а Танасковиќ заврши со 7 поени и 10 скока. Кај ФМП извонреден беше Омутао Огундиран со 29 поени, седум асистенции и шест скока.

За МЗТ Скопје ова е десетта победа сезонава, наспроти и еден пораз, дополнително зацврстувајќи се на врвот од табелата.

Ова беше прв меч од 11. коло, последно од првата фаза од првенството во кошаркарската Прва лига. Останатите средби се играат претстојниов викенд.

Фото: Архива

Претходна вестЌе се забрани вработувањето преку агенциите за привремени вработувања во јавниот сектор
Следна вестИ Мексиканец меѓу деветмина уапсени со дрога во Спортски центар во Карпош