На рафтовите стари цени, ќе има ли утре намалување?

Стари зголемени цени и денеска стоеа истакнати на рафтовите со млекото, млечните производи и тестенини по скопските продавници иако веќе од утре изутрина би требало да бидат намалени. Од утре во сила треба да стапи владината одлука со која млечните производи треба да поевтинат за 10 отсто, а тестенините за 15 отсто. Но, тоа за трговците не беше доволна причина уште денеска да почнат да ги менуваат цените со оглед на тоа дека Владата остави таква можност.

-Не сме добиле никаква информација или налог да ги смениме цените. За утре, ќе видиме, ни рекоа во еден поголем маркет во Кисела Вода.

И во соседниот марект, кој е дел од поголемиот синџир на продавници, ни рекоа дека се уште им стојат старите цени.

Купувачите не се изненадени од ваквиот потег на трговците но се надеваат дека утре ќе најдат на намалени цени.

-Кој сака уште сега да си на намали цената кога може од утре. А дали и колку утре ќе бидат намалени, ќе видиме. Јас сум песимист дека ќе има значително намалување, ни рече еден граѓанин.

Од утре за 10 отсто треба да се намали цената на млекото и на млечните производи – трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, урдата, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, со исклучок на кравјиот кашкавал без додатоци и пармезанот, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци. За 15 проценти надолу треба да оди цената на тестенините

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека е очигледно дека производителите го чекаат последниот ден за намалување на цените.

-Очигледно така сме навикнати во нашето општетство, секогаш е последниот ден, дури и ако е за добра работа чекаме последен ден. Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме. Кога паѓаат основните суровини ќе треба да продолжат да паѓаат и цените. Ако трговците но и производителите сами не реагираат пораката од владата е јасно дадена. Граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните, рече Битиќи.

Претходна вестПогребан матурантот од гимназијата „Георги Димитров“ кружат сомневања дека бил отруен со дрога
Следна вестЗаеднички поморски вежби на Русија, Кина и Иран