Следната недела ќе биде објавен јавниот повик за делење субвенции од Град Скопје за купени инвертори во периодот од 1 јануари до 30 ноември 2020 година. Принципот е веќе познат „прв дојден, прв услужен“, а средствата што Градот ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
Оваа вест која би требало да ги израдува скопјани наиде на критики на социјалните мрежи. Прво заради тоа што субвенциите за инвертори беа најавени уште пред зимата, како еден вид замена за греењата кои придонесуваат за загадување на градот, а се пуштаат дури сега во лето.
-Не сме наивни. Субвенции за електрични тротинети и велосипеди пред избори, субвенции за инвертори пак пред избори, зарем се уште некој верува дека имаме толку ниско ниво на интелегенција и нема да разбереме што се сака да се постигне?!, пишува Сања А.
Но, не е предизборниот тајминг единствената причина за револтот. Тука е и стравот од метежот пред вратите на општината за кој сведочевме и пред некоја недела кога се поднесуваа документи за субвенции за велосипеди и електрични тротинети вовреме на експанзија на корона-кривата и бројот на заболени.
– Налет и субвенции и се, ако стоиме по 300 луѓе пред вратата на Град Скопје за да поднесеме документи, што ќе ни се парите ако се испоразболиме? Зарем не можеше сето ова електронски да се направи, зошто мора да стоиме еден до друг за да поднесеме сметки за инвертори?, прашува Ана А.
Што се однесува до условите за добивање субвенции, меѓу другото, граѓаните треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата за оваа намена ги обезбедила Владата и изнесува 322 милиони и 400 илјади денари.