Недостасува во Скопје мала прераспределба на спомениците и поставување на современи скулптури и објекти

Скопје е пренаселен, а непланиран град. Градоначалниците воглавно се грижат само за желбите на нивните партиски шефови, а желбите на граѓаните се секогаш на последно место

Ликовниот уметник Жарко Башески смета дека не треба да се запре со барањата за посовремено и поатрактивно обликување на просторот.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Ми се појавуваат слики од едно чудно Скопје со една страшно неорганизирана сообракајна инфраструктура, апсолутно отсуство на сообракајна култура, во голема мера неорганизиран и нефункционален проток низ целиот град... Пренаселен, а непланиран град. Сметам дека фасадите на зградите низ градот не требаше да се менуваат. Можеби ќе беше подобра опција на одредени простори да се изградат нови згради кои би биле во тој неокласичен дух, но на овој град му се потребни и современи згради кои би ја отсликувале денешнината во најрепрезентативен стил. Многу од спомениците требаше да се постават многу поодамна. Но сега, со мало разместување (извлекување на поголемите споменици од кејот) и една мала, добро осмислена селекција, без многу големи финансиски трошоци Скопје може да изгледа сосема пристојно.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

Го паметам кога беше мал и природно функционален град и достоен за живот. А сега се случува нешто што е недозволиво за 21 век: реализирање на некомплетно осмислени проекти; незавршување на време или пак комплетно прекинување на нивната реализација. Не можам да кажам дали го сакам како што беше порано или сега, затоа што се работи за две различни Скопјиња. Едно Скопје со празен центар, со ливада во средината на центарот, чергари и бездомниции распослании на тревата, јавен тоалет покрај… И друго Скопје неколкупати поголемо, со нова визуелна естетика, со многу споменици поставени на погрешни места и правени за премногу кратко време и премалку консултации.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Градоначалниците воглавно се грижат само за желбите на нивните партиски шефови, а желбите на граѓаните се секогаш на последно место. Соработката помеѓу општините е на многу ниско ниво. Се надевам дека сега ќе има поголема соработка на стручната и градската власт со повеќе консултации и визија како да изгледа и да дише овој град.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Ако се земат во предвид барањата од градот, мислам дека дадов доволно. Но сметам дека не треба да се запре со барањата за посовремено и можеби поатрактивно обликување на просторот. Мислам на нови и современи скулптури, па и фасади кои би ја промениле генералната перцепција на естетско вреднување на градското јадро, па и пошироко. Сега може да дојде до израз уметноста на градските челници за мешање на старото и ново и да се збогати естетскиот визуелен дискурс. Се надевам дека овој пат размената на мислење на уметниците, архитектите и градоначалниците би била на многу повисоко ниво и резултатот би бил сосема друг.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

-Освен со неколку инцидентно среќно осмислени микро локации и со намерата на претходната гарнитура, делумно реализирана, ( булевар Гологанов“Илинденска, бул. „Св.Климент Охридски, жичарница, кеј) и мноштво нереализирани објекти.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Ми недостасува мала прераспределба на спомениците, поставување на нови современи скулптури и објекти, но не во преголем број. Недостасуваат интерактивни содржини кои би ги собирале и анимирале граѓаните. Тезата за неодржливоста на сегашниот концепт ( неокласичен ) не ја оправдувам и мислам дека заедно со современиот концепт, ако добро се разработи, би била одржлива и интересна за секого.

Во какво Скопје сакате да живеете?

-Пред се’ со решен урбанистички и собраќајен режим, со повеќе паркови и нови али до крај реализирани објекти. Да се завршат започнатите  од претходната градска власт, да се направат што повеќе пешачки зони во централното градско подрачје, да се воведе еколошки јавен транспорт

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Треба да се има визија за што и како ќе се случува во градот во кој живееме. А сето ова беше назад, а може да се каже дека и не постоеше освен во мали временски исклучоци. А кога немаш визија немаш ни цел, тогаш останува градот празен без содржина, освен станбени згради. А кога и тие се недоволно осмислени и обликувани, градот изгледа како некое предградие на некој нормален европски град.

Претходна вестЌе се намали ли бројката на министри, пратеници…., оти населението се намали за 185.834 жители?
Следна вестТрпението на едно понижено и „смачкано племе“ треба да престане