Трпението на едно понижено и „смачкано племе“ треба да престане

Колумна на Владимир Величковски:

 Нема праведна војна, каде и да се води ја чувствува светот, информатички зближен но длабоко разделен. Кој може да биде рамнодушен пред сликите на цивилни жртви и големи разрушувања, пред сликите на бегалци и „хуманитарни коридори“? Ова е време на глобално вмрежување, што има и добри страни, но се шират и секакви дезинфорамции и поттикнувачки на војна и омраза. Моќните пустошат, неказнето и освојуваат под изговор за воспоставување слобода и демократија: војните се водат, всушност, заради интерес и спротивставеност меѓу Истокот и Западот. Нашето „Трчање по Запад“ продолжува, меѓутоа, трпението на една мала сиромашна и маргинализирана земја слабее: се понагласен е скептицизмот и недовербата спрема наметнатите или понудените вредности од развиениот свет. Пред нас стои мисијата за негување на сопствените автентични вредности во културата и уметноста, како и смелост и исправеност пред современите тешки предизвици за опстанок. Трпението на едно понижено и „смачкано племе“ треба да престане за да покажеме дека имаме сили да се справиме со сопствените проблеми. Не сме единствена земја во која опстојува длабока поделеност по етничка и човечка основа, но тоа ќе ги отежнува сите напори.

Пописот, по дваесет години попречување, добро е што се направи иако предизвика и брзи реакции од разни страни. Не станува збор за обична процедура „запиши – отпиши“, а имаше и бојкот. Факт е дека опаѓа бројот на население во земјата: другите градови и села се празнат, а Скопје неконтролирано се задушува од пренаселеност. Оттука, произлегува брзото градење на унифицирани станбени згради – спални, а непродуктивноста и нетрпението се зголемуваат. Покрај Скопје 2014 се извршила и криминална распродажба на државно земјиште не само во Центарот туку и на Водно, во Сарај и веројатно и на други страни. Луѓето се иселуваат од земјата и ги оставаат нивите и други сфери за опстанок без да се обработуваат и без соодветен кадар. Лошото образование и агресивната поделена партизација бездушно создаваат корупција која одвнатре  ги разјадува нефункционалните институции и односите меѓу луѓето. Како обичниот човек може да има доверба во такви институции, како и нагласено лоша перцепција на работата на судството преку коруптивна поврзаната релација меѓу адвокат – судија – странка. Како може да и се дава предност и значење на крупниот криминал, а да се потценува за нив малиот криминал и процеси без оглед на тешките последици за луѓето?

Немаме смисла за самокритика, но со полна уста изнесуваат задоцнети ветувања. Кутрите ние: можевме да слушнеме дека самото спомнување на постоењето на македонското малцинство во соседната членка на ЕУ да се прогласува за херојски чин. Врие од протести за мало покачување на платите и пензиите при што и поликлиниките немаат парно греење, а струјата е значително поскапена. Како може луѓе кои се борат за гол живот да мислат на уметност и култура и да не можат да помислат да отидат и на премиерна театарска претстава? Сите привилегии се на страна на имотните, оние партиски лица, кои преку ноќ се збогатиле. Другите ќе си ги гледаат турските и други затупувачки серии, но треба да ја видат способноста на Саша од „Пеколна кујна“. Затоа, пак, видовме пример лицемерна „тротинет дипломатија“: кој може комотно да предлага амбасадори со единствен критериум на партиска подобност? Добивме и „тротинет општинар“ со нехумана бетонизација околу детскиот „адреналин парк“ и тениските игралишта на кејот: во матните води на Вардар плива пластика и друго ѓубре.

Ден е на совеста, но каде им е свеста на моќните?

Претходна вестНедостасува во Скопје мала прераспределба на спомениците и поставување на современи скулптури и објекти
Следна вестСОНК не попушта: Штрајк утре ќе има и ќе трае додека не се изнајде решение