Чии деца ќе ги враќаат огромните кредити на СДСМ и ДУИ?

Колумна на Никола Тасев: 

Луѓе масовно купуваат очила со голем диоптер. Зошто? Па сакаат да ги видат бенефитите од силната економска офанзива што ја води Владата. А компаниите и микроскопи позајмувале само за да ги видат ефектите од растот во економијата што ги предизвикува оваа Влада. Е, знам де дека има компании кои наместо микроскопи земаат државни тендери за да го почуствуваат напредокот, ама тие се малцинство…

А од друга страна ушите друго слушаат и на очите не веруваат. Можеби не сте знаеле, ама Македонија е економски лидер во регионот. Кај и да отидете во соседството полошо се живее од овде. Така се фалат од Владата. Најголем економски развој, историски највисоки инвестиции, највисок раст на бруто домашниот производ… се нај, нај, нај! Да не заборавиме и дека минималната плата се качи на 300 евра.

Апсурд до апсурд, човек не знае дали и апаратче за уши да си купи. За жал таква е Македонија во овие пет години, времето на Заев и постзаевизмот. Економските подвизи, квалитетниот живот и инвестиците ги има само во фалбите на власта преку медиумите и во кафеанските муабети на нивните поддржувачи. Тие, на пример, повеќе му веруваат на зборот на Премиерот, отколку на својот фрижидер.

Но, тука сакам да потенцирам едно друго лидерство на власта: задолжувањето! Ниту една досегашна македонска власт не се задолжувала толку многу како оваа, ниту пак, без план, трошела толку многу како оваа. За ова мораме да и оддадеме призание – навистина се лидери.

Да не бидам сфатен погрешно, не сум против тоа државата да се задолжува. Таа и има обврска да го прави тоа во кризни времиња, затоа што државата има најлесна достапност до свежи пари, па макар и тие да биле скапи. Но категорично сум против задолжувањето да е без план каде и како ќе се потрошат позајмените пари и особено сум против ако е без соодветна контрола при трошењето.

Еве на пример, денес ќе аплаудирав за новото задолжување од речиси 1 милијарда евра, ако претходно Владата излезеше во јавноста и објаснеше на какви се проекти ќе се потрошат парите. Флоскулата „парите ќе служат за поддршка на буџетот” не е доволна или пак остава простор за сомнавање дека позајмицата ќе се претопи од државната сметка во фирми блиски на луѓето од власта.

А пред да се направи задолжувањето можеше и вака да се објасни: на пример, за автопатот од Скопје до косовска граница од овие пари ќе се вложеа 30 милиона евра. Таа инвестиција ќе овозможи поврзување на државата со Јадранското и Јонското море, а ќе се врати за 15 години.

Или пак можеа како еден од проектите да кажат вака: ќе го спасуваме Преспанското езеро, а потоа ќе направиме младински кампови со сите содржини за да можеме да ги привлечеме средношколците и студентите од цела Европа да поминат бар 7 дена тука. Ќе потрошиме од овие пари 300 милиона евра, ќе се гради две години, а инвестицијата ќе се врати за 12 години.

Или ќе направиме толку и толку хидроцентрали, или…

На ваков начин јасно и гласно ќе беше кажано дека позајмените пари ќе се инвестираат во иднината на државата и ќе се враќаат од проектите во кои се вложува. А вака, кредитите ќе се стопат за неколку месеца „ќе се поддржи буџетот”, а потоа во следните 30-40 години ќе ги враќаат идните генерации.

Македонија е толку презадолжена, заради расипништвото, не само на оваа власт, туку и на претходните, што и не знаеме дали е доволно да кажеме дека нашите деца ќе ги враќаат кредитите. Можеби и децата на нивните деца ќе го почуствуваат товарот што сегашната власт им го остава!