Кој ќе ги дообразува или очисти партиските дилетанти…

Колумна на Владимир Величковски:

 Светот е смален, а кризата се рефлектира насекаде, при што малите земји повеќе страдаат. Особено кога во една сиромашна земја се натрупани повеќе разновидни проблеми кои тешко ќе може да ги решиме самите. Одејќи по патеката незнајно каде се губат човечките вредности како и вредностите кои ги создаваме во текот на повеќе децении. Личната драма, меѓу другото и секојдневната борба за опстанок се зголемува во трагични димензии кога народот трпи понижувања од непосредните соседи, но не мируваат ни внатрешните агресивни сили. Партиите во тој контекст не најдоа на меѓусебно разбирање и заедничка акција.

Поимот „човечки ресурси“ е измислен, како и многу други практикувани од тешката партизација и поделеноста во земјата затоа што немаат основа и покритие во животот. Човекот е бројка, или индекс гола статистика со оглед на поставеноста на државата и состојбите. Притоа, не може да им се верува на ниту еден партиски функционер кога држи формален лицемерен говор туку треба да се види што прават во практикувањето на власт. Што е тоа што може да не обединува и што треба да влезе како значајно во македонската историја кога изолираните партиски етно интереси не дозволуваат создавање на современа граѓанска држава. Секој штрајкува за некоја пара повеќе, а никој сега не се пrашува за квалитетот на работењето ниту за квалитетот во образованието и особено очебијната негрижа за децата – нашата иднина. А државата нема пари за сите и сите сме во грч. Кој ќе ги дообразува или очисти партиските дилетанти навлезени во институциите на државата.

Децата долго време не одеа редовно на училиште што не може да не им се одрази. Факт е дека систематското разнебитување на земјата се извршува по трагичната војна во 2001 година, кога демократскиот Запад тие што извршија разни злосторства ги нарече терористи за потоа да ги поздрави како „борци за слобода“. Општина Чаир систематски се исцртува како сопствена етно-територија и таму е подигнат првиот спомен-белег на УЧК. Вториот, скапа Спомен-кула е подигнат во сиромашното кумановско село Слупчане, но со чии пари (над 200.000 евра) и одлука единствено на локална самоуправа. Каде е тука Собранието?! Нив не ги интересираат другите, а „наши“ се загинатите и живи бранители на државата од агресорите. Уште еднаш го слушнавме плачот на родителите за загинатите бранители. Кулата, која нема уметничка вредност е пред се манифестирање на моќ и доминација на беззаконие, дивоградба (според она што го слушнавме од медиумите), продолжение на практиката од проектот „Скопје 2014“. Не може толку брзо да се заборават загинатите борци во кумановско „Диво насеље“ кое не е до крај разјаснето терористичко злодело. Надежта, со сето ова за сега не е добро одбран збор за вистинското обединуавње, а историската улога на терористите и бранителите ќе почека на преобјективна историска оценка. Идентитетот и слободата, забележува Горан Стефановски, не се за секогаш зацртани туку секој ден треба да се освојуваат.

Стигна една убава значајна вест: Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна, иако не е се решено, Охридската архиепископија за канонска. Долгите мачни заложби на МПЦ вродија со плод, таа веќе не е во раскол со православниот свет. Потоа, Скопскиот џез фестивал е познат во светот, а сега и Велибор Педевски, џезмен од Македонија, во Америка го развива новиот футуристички џез. Тоа не прави горди и силни, земја со културна традиција. Ликовниот живот се сведува на ретроспективи на на „стари мајстори“. Актуелна е ретроспектива на творештвото на Димитар Кондовски, познат по геометризираните портретни ликови и фигури од крајот на 50-тите години на 20-век и особено со згуснатите орнаментални геометриски форми со иконовидна сугестивност од шеесетите години. Со тие дела тој ја заслужи оценката за творец на сликарската „Модерна Византија“. Вистински мајстор  на занаетот.

При толку фашизми го славиме Денот на победата над фашизмот.

Претходна вестРусија престана да испорачува гас во Финска
Следна вестПред казино на плоштадот „Македонија“ уапсен жител на Батинци кој носел пиштол