Иако наглото поскапување на горивата допрва треба да се прелее во економијата, дел од трговците побрзаа и веќе почнаа со кревање на цените. Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека во изминатите седум дена јајцата поскапеле за 5 до 10 отсто, а маслото за јадење до 5 проценти.
И нашата новинарска екипа во денешната обиколка по неколку маркети забележа зголемени цени, кај јајцата и маслото – некаде за дури 15 отсто. Се најавува и поскапување на земјоделските производи. Граѓаните се незадоволни.
„Не е фер производите што ги набавиле по стара цена, сега да ни ги продаваат по покачена“, ни изјави еден скопјанец, загрижен дека трговците нема да имаат сопирачка и ќе сакаат да профитираат и таму каде не би требало и сето тоа да доведе до дополнителна инфлација и криза.
Затоа се наметнува потребата од итна реакција на Владата и надлежните институции. Мора да има засилени контроли, а воедно и да се носат конкретни мерки за намалување на цените на горивата.
Ова е особено важно по најновите вести дека по синоќешните напади од Иран врз најголемиот светски центар за природен гас во Катар, како и по претходните напади на Израел врз најголемото иранско нафтено поле, цените на горивата во Европа се
зголеми за 25 до 30 отсто.
На ова не може да се влијае, но со конкретни мерки на домашниот пазар може ценовното цунами да се ублажи.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, синоќа изјави дека во моментов нема недостиг на нафта и нафтени деривати, ниту пак има значајни ценовни шокови како директна последица на кризата.
„Граѓаните можат непречено да снабдуваат гориво, што значи дека нема основ за воведување рестриктивни мерки од тој тип. Во однос на цените, тие и понатаму се пониски во споредба со дел од регионот, што е особено важно за стандардот на граѓаните. Затоа не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји, без да ја земеме предвид нашата реална состојба,“ рече министерката.
Околу зголемувањата на цените во маркетите, Димитриевска Кочовска кажа дека на дневна основа функционираат повеќе од 30 инспекциски тимови кои ги следат состојбите низ целата држава.
„Во најголем дел од компаниите, било да станува збор за производители, било да станува збор за дистрибутери, супермаркети, кои се посетени од ДПИ може да констатираме дека на терен промена во однос на цените нема,“ изјави министерката Димитриеска-Кочоска




