Неочекуван, но среќен настан се случи на лет на ITA Airways, кога бебе се роди предвреме во авион што летал од Дакар кон Рим. Ова е прво регистрирано раѓање во лет во историјата на италијанскиот авиопревозник.
Патничката, која била во седмиот месец од бременоста, се породила околу еден час по полетувањето. Екипажот веднаш реагирал, а во помош се вклучиле и двајца патници – лекар и медицинска сестра, кои го асистирале породувањето во авионот.
Од компанијата информираат дека и мајката и новороденото момче се во стабилна состојба. Авионот го продолжил летот и слетал на Аеродром Фјумичино, каде медицински тимови ги пречекале.
Слични случаи се ретки, но не и непознати. Неодамна породување се случи и на лет на Delta Air Lines, а во 2023 година и на лет од Дубаи кон Милано, кога патничка се породила над иранскиот воздушен простор.
Иако екипажите се обучени за вакви ситуации, авиокомпаниите генерално препорачуваат бремените жени во подоцнежна фаза да избегнуваат летање поради ризик од предвремено породување.



