Ние, жителите на Скопје, сме соочени со императивот да го спасуваме градот од нас самите…

За академикот Луан Старова главен предизвик со кој сега се соочува неговиот роден град е тој како да се осмисли животот во него со оглед на тоа што сите битки за намалувањето на градот се изгубени.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Една речиси митска слика е вкорената во мене уште од детството: тоа е идиличната бистра како солза вода на реката Вардар која течеше под Дрвеното мовче (однесено од поплавата во 1962 г.), поврзувајќи ги легендарниот Театар и пазарчето Пасаж. Крај самата река недалеку од некогашната Женска гимназија беше вгнездена нашата куќа. Здивот на бистрите води како да влегуваше во домот. Тие слики, посребрени од детството никогаш не се забораваат.

Кое Скопје го сакате повеќе, ова сега или тоа од порано?

Логично е да се сака градот на својата младост. Во Скопје го минувам целиот свој живот со своето некогаш пошироко, а сега потесно семејство. Градовите имаат свое тело и душа. Скопје е град со ранета душа (три катастрофални земејотреси: 518, 1955 и 1963), разминување на империи и цивилизации: античките, Византиската, Османската, војни и пожари (балканските, светските војни). Скопје било осудено да ги губи нишките на својот континуитет. Градот брзо го менувал својот лик. Покрај физичките доживувал и ,,ментални потреси’’, луѓето едноставно сакале да го вратат исчезнатото без да се прилагодат на логиката на постојаното. Земете ја само сликата н ,,посадувањето’’ на целото минато во Центарот на градот последниве години. Вистинско варварство! Природно е да се сака едно друго Скопје, Скопје на својата младост!

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

оСкопје има задржано низ историјата една тивка, не толку видлива толерантност меѓу различните особено во тешки периоди. Градот има задржано, можеби во најголем број обележја на одминатите цивилизации, отколку што можат да се во другите блиски региони. Во Скопје и натаму е можен соживотот и покрај зли духови кои бараат негово искоренување, без приближна свест за последиците. Скопје опстанува под знакот на солидарноста…

Преголемо ли Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

Скопје ја има судбината да ги ,,голта’’ малите градови и села на Македонија. Губејќи ја природната хармонија на својот развој, тоа го девастира и осиромашува другиот дел на земјата. Нема клуч како да се намалува Скопје, се чини неповратно се загубени сите битки за тоа. Може само да се осмисли животот во новиот град и воспостават хармонични врски со другите делови на земјата. Денес Скопје град на 300 км површина повеќе личи на минијатурна држава, отколку на град со кохерентна физиономија. Изгубена е историската битка со ,,димензионирањето’’ на градот. Останува само надежта на прилагодувањето…

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Лаконски речено на Скопје му недостасува чист Вардар! Голема среќа и ,,божји дар’’ за еден град да тече низ него река! Но тоа може да биде и несреќа ако низ реката течат нечисти води! Речиси сите повоени владеечки генерации на Скопје и пошироко, ја изгубија големата битка со големата река. Наместо во континутет да се спасува реката , таа всушност е денес ,,удавена’’, од пластични и други отпадоци, еден вид речна депонија. Да биде иронијата поголема, ,,новите градители’’, во централниот тек на течението на реката Вардар, начичкаа мостови, со споменици, ,,галии кои не заминуваат’’… Потрошени се огромни средства за утописки илузии и инвестирани на погрешни места, наместо да се врати, односно оживее чистата река од изворот Вруток до истекот од земјата. Ние жителите на Скопје од било која генерација сме соочени со императивот да го спасуваме градот од нас самите…

Во какво Скопје сакате да живеете?

Скопје бил цивилизациски центар во клучни пероди кога се разминувале клучните балкански и европски империи. Има нешто што постојано зрачи од еден град како еден вид spiritus loci, дух на пределот при совладувањето на цивилизациските противречности. Разбирливо е дека човек сака да живее во град каде што се свети: мирот, толеранцијата на едни кон други, Скопје со хармонизиран развој, со спасување на зелните површини, ставање крај на сите манипулации на ,,урбаната мафија’’, со организиран градски сообраќај, со постојана помисла за среќната иднина на генерациите коишто доаѓаат…

Претходна вестМатеј одлично плива, а одличен е и кога му даваат медали
Следна вестКазнети 785 лица за неносење на заштитна маска