Младиот српски кошаркар Никола Топиќ боледува од рак, се лекува со хемотерапија
Младиот српски кошаркар и плејмејкер на репрезентацијата на Србија, Никола Топиќ, моментално се наоѓа во процес на лекување од рак на тестисите, а терапијата се спроведува со хемотерапија.
Веста ја потврди генералниот менаџер на НБА тимот Оклахома Сити Тандер, Сем Прести, кој изјави дека медицинскиот тим е „исклучително позитивен“ во однос на исходот на лекувањето.
Дваесетгодишниот Топиќ бил подложен на оперативен зафат на почетокот на октомври, но јавноста досега не беше запознаена со причината за интервенцијата. Преку изјавата на Прести сега е потврдено дека станува збор за сериозно, но навреме дијагностицирано заболување.
Прести нагласи дека младиот кошаркар покажува неверојатна сила и решителност во текот на процесот на опоравување и дека клубот ќе му обезбеди целосна поддршка во наредниот период.
Никола Топиќ, кој важи за еден од најталентираните српски кошаркари на својата генерација, ја започна кариерата во Црвена ѕвезда, пред да се пресели во НБА лигата.





