Иран, според порталот Аксиос, до САД испратил нов предлог за деблокада на Ормутскиот теснец и завршување на војната, при што нуклеарните преговори би биле одложени за подоцнежна фаза, потврдија американски претставник и повеќе извори запознаени со процесот.
Според информациите, новиот предлог го заобиколува прашањето за нуклеарната програма со цел побрзо да се постигне договор, во услови кога дипломатските напори се во ќор-сокак, а иранското раководство е поделено околу тоа какви отстапки треба да понуди Техеран.
Сепак, евентуалното отворање на теснецот и крајот на војната би ја намалиле главната преговарачка предност на американскиот претседател Доналд Трамп, чии клучни цели се елиминација на иранските резерви на збогатен ураниум и запирање на понатамошното збогатување.
Се очекува Трамп да одржи состанок со својот тим за национална безбедност, на кој ќе се разгледа застојот во преговорите и можните следни чекори. Тој веќе најави дека сака да продолжи со поморската блокада за да изврши дополнителен притисок врз Иран.
Дипломатската криза се продлабочи откако посетата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на Пакистан не донесе напредок, а средбата со американските пратеници беше откажана. Трамп оцени дека нема потреба од патување доколку нема услови за конкретни резултати.
Арагчи во меѓувреме одржа разговори во Мускат и повторно се врати во Исламабад, а се очекува да отпатува и во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Според изворите, иранскиот план предвидува продолжување на примирјето или траен прекин на војната, додека нуклеарните преговори би започнале дури по отворањето на Ормускиот теснец и укинувањето на блокадата.
Од Белата куќа потврдија дека го примиле предлогот, но засега нема информации дали САД ќе го разгледаат.






