Општина Карпош од денеска дава субвенции за возачки испит

Со вкупен буџет од 5.000.000 денари, Општина Карпош преку Секторот за развој од денеска започна акција за субвенционирање на младите жители на локалната самоуправа кои сакаат да полагаат за возачка дозвола (Б категорија). Ова скопска општина денска објави дека целосно ќе ги покрие трошоците за обука од теоретскиот и стручниот дел од испитот.

-Јавниот повик за субвенционирање ќе трае до исцрпување на средствата за оваа намена и ќе функционира по принципот „Прв дојден, прв услужен“. Право на пријавување имаат сите заинтересирани физички лица кои се жители на Општина Карпош, се наведува во соопштението.

Кандидатите треба да исполнуваат следниве критериуми:

Секое лице кое ќе поднесе барање за субвенционирање за полагање на стручен дел за возачка дозвола мора да е жител на Општина Карпош минимум три (3) години до денот на поднесување на барањето.

Ќе се субвенционираат млади лица кои во 2023 година ќе наполнат 18 години, односно право на поднесување имаат сите млади лица кои во 2023 веќе имаат наполнето 18 години, вклучително и оние кои сѐ уште не наполниле 18 години, а се родени во 2005 година.

Ќе се субвенционираат само оние лица кои ќе извршат уплата и ќе посетат обука за теоретски и практичен дел за полагање на возачки испит за Б категорија, во авто школи кои се избрани преку Јавен повик со Одлука бр.11-1172/7 од 21.03.2023 година.

Ќе се субвенционираат само оние лица кои ги исполнуваат горенаведените критериуми и уплатиле во авто школите на денот или по денот на објавување на Јавниот повик (28.03.2023).

Општина Карпош ќе покрие 100 проценти од износот кои се наплатува за посетување на обуки за теоретски и практичен дел за полагање на возачка дозвола Б категорија.  Во случајов, истиот износ е утврден како  минимална цена за обука во Правилникот за минимална цена, за оспособување на возачи во авто школа за следење на обуки од теоретскиот и практичниот дел на кандидатите за возачи за Б категорија, согласно минималните пресметани елементи на вредност.

Поднесувањето на потребната документација ќе се одвива во две фази или поточно:

Прва фаза:

Поднесување на Барање за издавање на Потврда за исполнување на услови за субвенционирање (се подигнува во архива на ул. Радика бр. 9 барака 2 или на веб страницата на општината) со Изјава за согласност за обработка на лични податоци, при што треба да се приложи и:

Копија од лична карта како доказ за жителство и година на раѓање,

Копија на лична карта од двајцата родители како доказ дека живеат минимум три (3) години во општина Карпош.

Втора фаза:

Барање за субвенционирање за поврат на 100 отсто од вкупниот износ  за теоретска и практична обука (по добивање на потврда за исполнување на критериуми)

Потврда за исполнување на критериуми издадена од Општина Карпош,

Оригинална фискална сметка за извршена уплата за теоретска и практична обука во автошколата,

Копија од трансакциска сметка

По поднесувањето на документацијата, апликантите ќе бидат известени во писмена форма, дали ќе бидат корисници на средствата за субвенции за посетување на обуки за теоретски и практичен дел, за полагање на возачка дозвола (Б категорија) од Општина Карпош. Правото на субвенција е еднократно.

Претходна вестФранцузин ограбувал станови во Скопје
Следна вестСелекторот Милевски: Задоволен сум, со оглед на двете победи