Османи и Маричиќ за сопствената одговорност: Прашањето на успех е релативно и зависи што значи успех

Прашањето на успех е релативно и зависи што значи успех, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој, на денешната заедничка конференција за печат со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ одговори на прашањето дали ќе понесат одговорност поради „неуспехот да се отпочна преговорите“ со Европската унија и одбивањето на францускиот предлог за кревање на бугарското вето.

-Прашањето на успех е релативно и зависи што значи успех. Дали е тоа заштита на интересите на државата и државните позиции или нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно-бело прашање на успех или неуспех. Ова е наша без алтернативна борба да станеме членка на ЕУ, а притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. И тоа што ќе кажам е дека нема да правиме компромис по ниту едното, ниту другото прашање. Ќе станеме еден ден членка на ЕУ, но со заштитени државни и национални интереси, нагласи Османи.

Во однос на одговорноста вицепремиерот Маричиќ рече дека за секоја држава е важна заштитата на јазикот и идентитетот и достоинствено да чекори на патот кон ЕУ, секако имајќи ги предвид добрососедските односи како битен критериум којшто ни е ставен во рамката, односно во критериумите за пристапување кон ЕУ.

– Во таа смисла наша одговорност беше и наша одговорност е да се грижиме за овие работи, простор за одговорност надвор од ова не гледам и мислам дека многу поголема е одговорноста на одредени личности или структури коишто се обидоа да ја нарушат државната стратегија со своето пренесување на вести или пак информации до политички партии, до медиуми коишто беа ниту проверени, ниту конечни, со цел да се креира една таква атмосфера. Ние кажавме дека е важно овој процес да го водиме мудро и кажа министерот дека ни било дел од стратегијата да ги соопштиме нашите ставови на Самитот, а претходно е комуницирано со нашите партнери, рече Маричиќ.

Инаку, Бујар Осамни денеска обајсни дека прашањето за македонскиот јазик и историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и секвенционирањето на чекорите за вклучување на Бугарите во Уставот и почетокот на преговорите, се прашањата од кои ќе зависи конечната нашата одлука да се прифати или одбие предлогот на францускиот претседателство. Тој потенцира дека она што во јавноста излезе како „француски предлог“, всушност е работната верзија на преговарачка рамка и други заклучоци што се доставен до земји членки и во кои има „загради и прашања“, а не конечна верзија на предлогот.

– Во преговарачката рамка нема прашања и формулации во загради. Тоа значи дека тоа се неусогласени формулации, појасни Османи.

Во однос на Резолуцијата усвоена во бугарското Собрание со кој се изразува ставот на Бугарија по однос на предложениот текст, Османи потенцира дека не може да ја коментира затоа што ја нема видено.

– Прво, треба да видиме што текст има изгласано Република Бугарија и како тоа ќе се одрази на тоа што француското претседателство ќе го достави како конечен предлог, бидејќи верзијата која што беше споделена со земјите членки е работна верзија, која што не е завршена. Одредени прашања за коишто двете земји не успеавме да се усогласиме, останаа во загради како нерешени, односно неусогласени прашања. Така што допрва треба да видиме што точно и која е бугарската позиција, рече Османи.

Претходна вестСкопје доби нов зелен плоштад на кеј „Димитар Влахов“
Следна вест108 новозаболени од Ковид–19, 540 активни случаеви