Падна договор: Попис во септември, локалните избори на крај на октомври

Во Клубот на пратениците штотуку заврши средбата на лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Заев и Мицкоски договорија пописот да се одложи за септември, додека локалните избори, наместо во првата, да се пролонгираат за втората половина на октомври.

Одлуката беше очекувана, откако претходно, министерот за здравство Венко Филипче објави дека попишувачите се во приоритетната група за вакцинирање, и дека во текот на денот очекуваат список од Заводот за статистика колку од 5.050 попишувачи ќе сакаат да се вакцинираат.

На прашањето, дали тоа ќе значи и одложување на пописот, Филипче рече дека само од медицински аспект може да каже дека имунитетот од вакцината се создава за две недели, а одлуката за пролонгирање на пописот е политичка.

Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одамна бараше одложување на пописот, а Владата долго време не сакаше да го слушне ниту него ниту гласот на голем дел од граѓаните во Македонија кои јасно порачуваа дека нема да отворат врата на попишувачите среде пандемија.

 

Претходна вестПендаровски за утре го свика Советот за безбедност за ситуацијата со ковид
Следна вестЛани ја пробија, сега ја асфалтираат: „Есенинова“ за олабавување на двете тесни грла на градот