Темен режим Режим на светлина

Пак ни кажаа: Процесот на проширување на ЕУ е опиплив и веродостоен

Македонија пак доби ветувања дека ќе биде дел од ЕУ. Тоа се случи во Грција каде се одбележуваше денот кога пред 20 години на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и беше ветувано дека целиот т.н. Западен Балкан ќе биде дел од Унијата со седиште во Брисел.

И овој пат ветувањата се цврсти, дури и поцврсти од пред две децении.

На неформалниот состанок на лидерите на ЕУ со претставниците на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, беше заклучено дека е неопходно да се заокружи визијата за ЕУ ​​збогатена од Западен Балкан, Украина и Молдавија.

Во дискусијата на неформалната вечера лидерите од регионот разменија мислења за натамошниот тек на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан и беше истакнато дека Западен Балкан е од стратешка важност за Европската Унија, што ќе придонесе и за стабилност и просперитет не само на регионот туку и на Европа во целост.

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Атина оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Двајцата говорејќи за предностите на членството во ЕУ, уште еднаш потенцирале дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Македонија во Унијата.

Во Заедничката декларација се наведува дека на неформалниот состанок во Атина била подвлечена потребата од обновен и рефокусиран процес на проширување што е опиплив и веродостоен, без кратенки до воспоставените услови, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на грчката влада.

Инаку, покрај премиерот Ковачевски, на неформалната вечера присуствуваа претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула Вон Дер Лејен, лидерите на земјите од Западен Балкан – српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, премиерката на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и косовскиот премиер Албин Курти, како и премиерите од земји членки на ЕУ од регионот и пријатели на проширувањето – на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Романија Јон- Марсел Чолаку и на Бугарија Николај Денков како и украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Грција зафатена од пожари, две лица настрадаа

Следна објава

Триесетина поети од девет земји учестуваа на 35. Поетска ноќ во Велестово