Трето место и бронзен медал на шестото издание на светскиот натпревар по роботика за средношколци „First Global Challenge“ освои тим од пет македонски ученици. Престижниот натпревар се одржа во Женева, Швајцарија од 13 до 16 октомври.
Овогодинешната тема на натпреварот беше решавање на проблемот со зголеменото ниво на јаглерод диоксид во атмосферата со помош на СТЕМ.
Оваа година Македонија по втор пат патуваше за FIRST при што постигна многу добар резултат, а медалот е добиен во финалните игри со алијансите.
Меѓународниот натпревар се одржува секоја година во различни земји, и има за цел тимовите кои се пријавуваат да создадат и програмираат робот. Тимовите работат заедно за да ги завршат задачите во игра. Робот кој се прави со месеци, овие деца го направија за 8 дена.
Тимот на Македонија го сочинуваат 5 средношколци: Виктор Ванчов, Јаков Спировски, Горијан Стаматовски, Горазд Петковски и Горјан Анѓушев, предводени од два ментори – Алма Кецап – официјален претставник на ФИРСТ во Македонија и Ален Куљеван – технички ментор.
Посебно значајно е и тоа што нашиот тим освои трето место во конкуренција на екипи од 180 држави во светот.


