По три години и два месеци судски рочишта, на 26 февруари ќе биде изречена пресуда за обвинетите за аферата со прислушувањето од 2008 до 2015, случај во јавноста познат како „Таргет – Тврдина“.
Во овие три години се сменија двајца судии – Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ, а обвинението го застапуваа тројца обвинители – Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, прво како дел од СЈО, а сега претставници на редовното ЈО.
На вчерашното маратонско рочиште кое заврши доцна вечерта, обвинетите останаа на теоријата дека не учествувале во нелегално следење на комуникациите, ниту ништењето на опремата, според нив, било незаконско.
Обвинителството, пак, побара осудителна пресуда за сите, а максимални затворски казни за екс директорот на УБК Сашо Мијалков, вработениот во УБК Горан Грујевски, кој е во Грција и поранешната началникчка во МВР Надица Николиќ.
Мијалков во случајот е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.
Дел од обвинетите во „Таргет-Тврдина“ се и поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски и на нив им се суди во отсуство со оглед дека избегаа во Грција. Обвинети се за неколку кривични дела поврзани со злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа
Нивниот адвокат, Петар Василев смета судот нема право да им суди со оглед дека Грција веќе одбила да ги екстрадира.
Николиќ е обвинета за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба.
Во случајот е обвинета и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, но само за злоупотреба на службената положба и овластување во делот на уништувањето на еден од системите за прислушување во УБК, додека во делот на незаконското прислушување таа се јавува како оштетена.
На обвинителна клупа седат уште осум лица од УБК и МВР. За сите обвинителката Ристоска побара осудителна пресуда и во одмерувањето на казните да се земат предвид отежнувачките и олеснителните околности.