Почина легендарниот Ќиро Блажевиќ

На два дена пред да го прослави 88. роденден, почина легендарниот хрватски фудбалски тренер, Ќиро Блажевиќ.

На Блажевиќ првпат му беше дијагностициран рак во 2011 и болеста му се врати пред четири години.

Роден во босанскиот град Травник во 1935, Блажевиќ имал скромна играчка кариера, која ја заврши на 31-годишна возраст во Швајцарија. Таму почнал со тренерската работа во 1968, која го однесе во 30-ина клубови и репрезентации на повеќе континенти.

Во југословенскиот фудбал се врати во 1979 и првиот голем успех го оствари кога со Динамо Загреб ја освои шампионската титула во 1982, кога и почна легендата за Ќиро и за неговиот бел шал.

Распадот на Југославија го дочека во Франција, а на покана на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман се врати дома во 1992 за повторно да го преземе Динамо, сега под името Кроација.

Работеше и во клубови како Ријека, Грасхопер, Нант, ПАОК, Хајдук, Ксамакс. Како фудбалер има настапувано за Динамо, Локомотива, Сараево, Ријека и Сион.

Селектор на Хрватска стана во 1994. По настапот на Европското првенство во 1996, Блажевиќ го достигна зенитот на кариерата на Мундијалот во Франција, каде што Хрватска приреди сензација со пласманот во полуфиналето и со освојувањето на третото место. Од клупата на Хрватска се повлече во 2000, по слабиот старт на квалификациите за СП 2002.

Потоа ги водеше и селекциите на Иран и БиХ, а како тренер работеше до 2015.

Претходна вестБитка за секој живот под урнатините во Турција и Сирија, бројот на жртвите надмина 8.700 лица
Следна вестМасовен одѕив во акцијата за помош на настраданите во земјотресот, се донира храна, облека, пари…