Последниве денови е намален бројот на смртните случаи од корона вирусот во Македонија, тоа малку охрабрува во овие тешки времиња. Но, сепак здравствените власти се уште треба да го бараат одговорот за големата смртност која за време на пандемијата однесе 2.456 животи, односно, 1.179 починати пациенти на милион жители.
Прашање на ден е кога бројката ќе помине 2.500 лица. Тоа е за 10-15 пати повеќе отколку што на почетокот на пандемијата се предвидуваше. Со ова Македонија како земја веќе со месеци е во самиот врв на регионално и на светското ниво кога е во прашање бројот на починатите лица.
Најзагрозени се лицата постари од 60 години бидејќи преку 1.800 од умрените се на оваа возраст како и лица кои претходно имале други, хронични, болести – најчесто кардиоваскуларна болест, дијабет и белодробна болест.
Пред неколку месеци се најавуваше дека ќе се прави анализа на смртните случаи за таа да послужи за нивно намалување. Но, таа работа како да не се заврши целосно. Дали нешто е погрешно во водењето на пациентите, дали нешто чкрипи на друго место? Ова се прашања кои сега мора да се одговорат, еве се намали бројот на заразени и институциите имаат повеќе време да се свртат и кон овој голем проблем. Се уште не е на задоволително ниво врската меѓу матичните лекари и пациентите заради што често се доаѓа во ситуација да се губи драгоцено време во текот на кое нагло се влошува состојбата кај многу од инфицираните лица. Матичните лекари и натаму се жалат дека им недостасуваат јасни протоколи и дека тешко им оди сместување на најзагрозените пациенти во болниците, беше предочено дека се даваат премногу силни антибиотици и кога тоа не е треба да се дава…
Не може главно оружје против големата смртност да бидат само апелите за почитување на превентивните мерки и сегашното ниво на болнички услуги.
Јасно е дека многу работи треба да се подобрат и на тоа во овој период кога ширењето на вирусот е намалено треба да се работи. Искуства треба да се побараат и на страна, кај други земји. Смртноста мора да се намали!