Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен предлог против Рамиз Мерко за несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик. Обвинителниот предлог против Мерко е поради сомнежи дека кога назначувал директор на училиште во селото Лабуништа, тоа го направил противзаконски.
-Обвинетиот, како службено лице градоначалник на општината Струга,на 31 јануари 2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот, се наведува во соопштението.
Се додава дека на тој начин обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци.
-Со тоа на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси, пишува во соопштението од Јавното обвинителство.
Ова кривично деле е санкционирано со членот 353-в, став 1 од Кривичниот законик во којшто е наведено следното: Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.