Полициски контроли во повеќе угостителски објекти, изречени казни за познати скопски кафе-барови

Доцна ноќеска по 22.00 часот, полициски екипи влегоа во повеќе угостителски објекти во скопската населба Аеродром. Во придружба на финансиски инспектори од УЈП и пазарниот инспекторат се проверуваше работењето на објектите.

Од МВР соопштија дека во рамки на оперативниот план „Безбедно лето“, полициски службеници од СВР Скопје во содејство со инспектори од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, спровеле акциски контроли во угостителски објекти на подрачјето на Скопје.

Во рамки на контролата, во еден угостителски објект на подрачјето на Аеродром биле констатирани неправилности од страна на УЈП согласно Законот за регистрирање на готовинско плаќање, додека трудовата инспекција утврдила непријавени работници во објектот. За констатираните неправилности ќе бидат изречени санкции, велат од МВР.

– Во друг угостителски објект на подрачјето на Аеродром констатиран е прекршок во врска со присуство на малолетник по полноќ и ќе следува соодветна санкција. При контролата во угостителски објекти во Градскиот парк, во два од нив УЈП констатира неправилности од Закон за регистрирање на готовинско плаќање, недостатоци се утврдени и од страна на пазарната и трудовата инспекција, за кои се дадени соодветни задолженија за правните лица, се наведува во соопштението од МВР.

Полициски акции во рамки на „Безбедно лето“ биле спроведени и во другите градови.

При контролата во еден угостителски објект во Демир Хисар се затекнати тројца малолетници под дејство на алкохол, кои се предадени на нивните родители, а по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

-На подрачјето на Прилеп, пак, во периодот од 00.00 до 04.00 часот од страна на криминалистичката полиција на СВР Битола во содејство со полициски службеници од ОВР Прилеп спроведена е акциска контрола во угостителски и други објекти за присуство на малолетници во нив, контрола на точење и продавање на алкохол на деца во угостителски и продажни објекти, како и прекршувања на јавниот ред и мир, со цел подобрување на јавната безбедност на подрачјето. За време на контролата во два угостителски објекти во Прилеп затекнати се 34 малолетници, а кај 11 малолетни лица било констатирано дека се под дејство на алкохол. За сите констатирани неправилности ќе бидат поднесени соодветни пријави, соопшти МВР.

Претходна вестСе судрија мотоцикл и автомобил во Струмица, едно лице е тешко повредено
Следна вестИвановски стартуваше со победа на Челинџерот во Јаши