Граѓаните да избегнуваат движења покрај реки, потоци или други извори на вода бидејќи се можни излецања на повеќе реки, предупредија денеска од Центарот за управување со кризи и од Управата за хидрометеоролошки работи.
-Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема излевања на истите, освен во Битолскиот регион, наведува ЦУК.
По обилните врнежи од дожд на подрачјето на општина Битола во атар на с.Дохово е излеана Диховска Река и поплавена е помала земјоделска површина. Исто така, излеан е канал кај Брусничко Лавчански регион 1. Во атар на с Породин излеан е канал и поплавена е Живинарска фарма. Известени се надлежните субјекти и во моментов екипите се на терен. Поплавена е и мала површина на земјоделско земјиште кај Куманово.
Од УХМР соопштија дека по синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а кај дел од нив има и значително високи водостои.
-Според најновите информации од хидролошките станици, зголемен е водостојот на реката Треска, кој се очекува и натаму да продолжи да расте, така што предупредуваме на можни локални излевања во тој речен слив. Зголемен е и водостојот на Пчиња кај Катлановска Бања и предупредуваме на можност од локални излевања на Пчиња, вклучително и на нејзините притоките (Кумановска и Крива) и суводолиците во тој слив. Зголемен е и водостојот на Црна Река во Новаци кој се очекува и понатаму да продолжи да расте и постои можност од локални излевања на нејзините помали притоки и суводолици. Константно е висок водостојот на Радика, Сатеска и на останатите реки во западниот дел од земјата, каде останува опасноста од нивно излевање, посочуваат од УХМР.