Премиера на „Птица со глава меѓу нозе“ на Коле Ангеловски во Драмски театар

Режисерот Коле Ангеловски, по подолг период се враќа во Драмски театар. 60-годишнината од неговото творештво ќе ја одбележи со претставата – чија премиера е закажана на 10 ноември, во 20 часот, а се вика „Птица со глава меѓу нозе“.

Еминентни актерски имиња се дел од екипата што публиката ќе ја види на премиерата и потоа. Тоа се Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски.

Инаку, премиерата ќе и биде посветена на актерката Сабина Ајрула Тозија, членка на ансамблот на Драмски театар, која почина во август годинава, на 75 години. Ајрула беше најпрепознатлива по улогата на Фатиме, токму од претставата на Драмски „Солунски патрдии“, чиј режисер е Ангеловски.

Жанровски „Птица со главата меѓу нозе“ според Ангеловски, не е класична комедија, „нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери“.

-Тоа е една љубовна приказна, љубов кон девојка, кон татковина, но не ваква татковина, поделена на патриоти и предавници. Зборуваме за љубов кон професијата, една носталгична љубов кон професијата, како било, како е, и сето тоа драматуршки ставено во еден интересен заплет. Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака, за неа не постојат граници, не постојат ограничувања, но, ако главата и е меѓу нозе, ќе лета, ама ниско, вели режисерот.

Претходна вестЛекарите алармираат: Мерките се слаби, двојно ќе расте бројот на новозаразени
Следна вестДоцна синоќа пожар во РЕК Битола, ЕЛЕМ треба да ги соопшти причините