Темен режим Режим на светлина

Премиера на сараевската „Убиство во Ориент експрес“ во режија на Андреј Цветановски

Премиера на сараевската „Убиство во Ориент експрес“ во режија на Андреј Цветановски Премиера на сараевската „Убиство во Ориент експрес“ во режија на Андреј Цветановски

Темата на делото е особено блиска и во балкански контекст – ова не е само мистерија, туку драма за прашањето што е правдата и дали таа станува закон кога луѓето ја земаат во свои раце, вели Цветановски.

На сцената на Народно позориште во Сараево вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Убиство во Ориент експрес“, во режија на македонскиот режисер Андреј Цветановски. Станува збор за сценска адаптација на прочуениот роман на Агата Кристи, поставена според драматизацијата на Кен Лудвиг.

Претставата ја следи приказната за мистериозно убиство во легендарниот воз „Ориент експрес“, каде група патници се вплеткуваат во комплексна истрага што ја води детективот Херкул Поаро. Зад класичната криминалистичка структура, сепак, се отвораат подлабоки дилеми – што е поважно: правдата или законот?

– Оваа претстава ќе биде наше засолниште во наредните месеци, додека заедно ги следиме трагите во заговорот наречен „Убиство во Ориент експрес“ и постојано се прашуваме – кој е праведен, а кој виновен. Темата на делото е особено блиска и во балкански контекст. Ова не е само мистерија, туку драма за прашањето што е правдата и дали таа станува закон кога луѓето ја земаат во свои раце – вели Цветановски.

Уметничкиот директор на Драмата во Народно позориште – Сараево, Алдин Омеровиќ, истакна дека секоја премиера е празник за театарот и изрази задоволство од ангажманот на целиот креативен тим.

Актерите од сараевскиот ансамбл го опишуваат процесот како инспиративен и динамичен. Марио Дрмаќ вели дека работата на претставата била вистинска актерска авантура.

– Со ваква екипа и со режисер кој знае да ја води целата игра, процесот беше вистинско уживање. Тоа е театарска игра во која сите сме целосно вклучени – вели Дрмаќ.

Според Амра Капиџиќ, пробите поминале во атмосфера на доверба и позитивна енергија.

– Андреј е прекрасен млад човек и режисер кој точно знае како сака да ја раскаже приказната и да ѝ даде личен печат. Тој им верува на актерите и внимава секој да се чувствува сигурно и пријатно на сцената. Таквиот пристап создаде исклучително здрава работна атмосфера – вели Капиџиќ.

Интересот за претставата е огромен – сите репризни изведби се распродадени уште пред премиерата.

Во претставата настапуваат: Марио Дрмаќ, Фарук Хајдаревиќ, Нерман Махмутовиќ, Анастасија Дуњиќ, Амра Капиџиќ, Иса Осмиќ, Санела Крсмановиќ Бистривода, Ведрана Божиновиќ, Дино Бајровиќ, Елма Фетиќ, Мак Ченгиќ и Ела Селимовиќ.

Драматургијата ја потпишува Џејна Хоџиќ, сценографијата и костимографијата се дело на Адиса Ватрeш-Салимовиќ, музиката ја компонира Мирза Реџепагиќ, а дизајнот на светло е на Моамер Шаковиќ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Нова водоводна мрежа и нов асвалт на улицата „Лисец“ во Горно Лисиче

Нова водоводна мрежа и нов асвалт на улицата „Лисец“ во Горно Лисиче

Следна објава
„Џезотериа“ – нов циклус концерти со познати џез музичари во Скопје

„Џезотериа“ – нов циклус концерти со познати џез музичари во Скопје