Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечер на матичната сцена „Благој Стефановски-Баге“, премиерно ќе ја изведе претставата „Вујко Вања“ работена според текстот на Антон Павлович Чехов, во режија на Софија Ристевска Петрушева. Драмската приказна „Вујко Вања“ се одвива во руско село, во имотот на еден пензиониран универзитетски професор. Четирите чина се детерминантите што раскажуваат за времето на расплетот на драмската приказна.
Трагедијата на староста не е во тоа што човек старее, туку во тоа што станува млад по душа и сака на секој начин да живее. А живеењето е најретката работа на светот. Повеќето луѓе само постојат. И се оттуѓуваат. Така и ликовите се визуелни и костимографски детерминирани. Инакви. Со кореографија и музика која ја раскажуваат атмосферата на големиот број „чеховски паузи“, што ем имаат уметнички ефект, ем тој говор на тишината станува многу поелоквентен, произлегувајќи од потребата да се размислува за отуѓеноста и да се најде одговор кој би бил едноставен, дефинитивен…Единствениот начин да се спротивставиш на самотијата до којашто довела староста, и отуѓеноста е желбата, надежта, посочи Билјана Крајчевска, драматург на претставата.
Главната улога во „Вујко Вања“, ликот на вујко Вања го толкува првенецот на битолскиот театар Петар Горко, а во претставата ќе настапат и Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска, Марија Стефановска, Никола Пројчевски и Валентин Дамчевски.