Привршува првата година од мандатот на Арсовска, време е да видиме посеризно работење

Најголемиот дел од најважните проекти се уште чека да бидат започнати, реализирани. Ако не се започне сега, тие проекти нема да можат да бидат завршени во следните три години кога е крајот на мандат на Арсовска. Тоа му се случи и на нејзиниот претходник Петре Шилегов…

Фокусот на Арсовска треба да биде на ветеното, на програмата и никакви препукувања со никого. Сакам да го видам Скопје чисто, партерно среден, улици, тротоари, жардињери, рабници, шахти, подвозници и надвозници… Сега Скопје личи на напуштен град, ни вели скопјанецот Илија Лазаров

Скопје плаче за реконструкција, за градење, за чистење и средување на теренот, за… и така во солзи градот е со години. Што метрополата доби последниот месец? Кавги и меѓусебни обвинувања во градската власт, најави за тужби, истраги на финансиска полиција, оставки…

Конфронтациите меѓу градоначалничката Данела Арсовска и најсилната партија во Градскиот Совет ВМРО-ДПМНЕ внесоа стравувања кај скопјани што ќе биде во иднина. Градот има многу проблеми – сообраќајни, комунални, урбанистички, социјални…

Скопје лани доби и ветувања од новата градоначалничката, а и од победничката партија дека ќе се работи силни и посветено. Но, сега двете страни се разделија. Што ќе се случува со ветените проекти? Односно, дали кавгите и конфронтациите околу тендерот за изградба на пречистителна станица од 136 милиони евра ќе продолжат или, пак, ќе се работи на реализација на овој но и бројни други проекти?

Кога не ред ќе дојдат капиталните објекти?

Завадените страни и покрај размената на тешки зборови изјавуваа дека ќе работат во интерес на Градот и на граѓаните и дека ќе поддржуваат се она што е неопходно. Добро е што се гледа сега едно „затишје“ на кавгите. Скопјани немаат дилеми: тие сакаат работа, исполнување на секое ветување заради што и ја дале довербата на ланските избори во градот, а не кавги и конфронтации.

– Фокусот на Арсовска треба да биде на ветеното, на програмата и никакви препукувања со никого. Сакам да го видам Скопје чисто, партерно среден, улици, тротоари, жардињери, рабници, шахти, подвозници и надвозници, синхронизирано семафорско и улично осветлување, средени паркови. За време на зимскиот период уредно кроење на сите дрва, отстранување на исушените и засадување на нови садници кои навистина ќе се одржуваат. Редовно обновување на реквизитите во сите детски игралишта! Сега Скопје личи на напуштен град, ни вели скопјанецот Илија Лазаров.

Во ноември ќе истече првата година откако Арсовска ја презеде градоначалничката функција, а најголемиот дел од најважните проекти се уште чека. Ако не се започне со нивна реализација сега, тие проекти нема да можат да бидат завршени во претстојните три години кога е крајот на нејзиниот мандат. Тоа му се случи и на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Проблем е и што реализација на од него наследените проекти оди бавно иако веќе беа започнати.

-Не знам до каде е сега изградбата на мостот во Аеродром, но тој треба што побрзо да се заврши, исто како што треба да се доврши и проектот за трамвајското решение. Лично, не верувам дека ќе се завршат. Апсолутно треба целосно да им се посвети на проектите со кои ја доби довербата на граѓаните. Тоа, впрочем, е и основната задача на секој градоначалник, смета скопјанецот Тони Стојановски.

Она што е започнато до сега од градоначалничката најчесто се сведува на почеток на реконструкција на делови на веќе постоечките улици: „Бутелска“, „Мит. Теодосиј Гологанов“, „Перо Наков“, „Скоевска“… Тука е и градба на нови паркови во Ѓорче Петров, во населбата Ченто, патеки во Градскиот парк, чистење на коритото на Вардар, на дивите депонии, субвенции за тротинети, велосипеди… дали ова е загревање пред посериозна работа или…?

На потег е и ВМРО-ДПМНЕ

Во првиот месец од мандатот градоначалничката спомена дека наследила презадолжен град и дека, поради тоа, бавно ќе оди реализацијата на проектите. Потоа се случуваа кавги со претходните носители на власта околу недостатоците во проектите во случај на реконструкција на Универзална сала, на мостот во Аеродром, а потоа и со актуелните партнери во градската власт. На граѓаните и тоа им пречи.

-Се слуша само препирања и кукање. Ако веќе си се нафатил на таа работа, треба и соодветно да се соочиш и со предизвици и со препреки. За тоа е избрана. На Скопје му фалат многу работи. Треба да се средат и јавните претпријатија, да се стави некое метро нов асфалт, ни вели скопјанецот Никола Петкоски.

Скопјани ја потсетуваат градоначалничката што му фали на градот.

 -Потребни се нови градинки, потребни се обуки и проверки на персоналот кој работи во нив, потребни се реновирања на училиштата. Општинските градоначалници не посветуваат доволно внимание на тоа. Потребни се и нови државни пензионерски и старски домови оти приватните се многу скапи. Треба и ангажман за што помалку загадување, градот да е почист, улиците да не ни се како „швајцарско сирење“, порачува Цена Спасовска.

Освен за Арсовска скопјани имаат порака и за ВМРО-ДПМНЕ:

-Паријата на Христијан Мицкоски си ја одбра кандидатката. Сега нека ја смират тензијата и нека работат за доброто на градот. Не сакам да видам како се блокираат самите меѓу себе. ВМРО-ДПМНЕ не еднаш згреши со избор за независен кандидат за скопски градоначалник, сега треба да го поправат тоа ако сакаат успех на парламентари избори, децидна е аеродромката Јована З.

Ќе има ли растрчаност и работа во просториите на Градот Скопје или кавги ќе видиме наскоро. Наскоро завршува и првата година од мандатот, што ли ќе презентираат дека завршиле од ветеното?

Долга листа за камен-темелници

На реализација чекаат ветените: пет нови мега-паркови, пет нови булевари, гасификација на градот, 250 нови еколошки автобуси, бесплатен јавен превоз, сообраќаен коридор „Мавровка“, најдобар Луна парк на Балканот и два нови забавни парка, зелен спортски кеј од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, зелен коридор – Серава и Лепенец, нов објект за Скопски саем, жичарница од Скопје до Средно Водно, нов ГУП, мост меѓу Маџари и Лисиче, нова градска библиотека, нова гимназија, Источна порта, Јужен коридор, пешачка зона во центарот, садење на 100.000 дрвја секоја година…   

Шилегов не ги заврши градбите, не се завршуваат ниту сега

Иако веќе беа во понапредна фаза неколку проекти кои што Арсовска ги наследи од претходникот Петре Шилегов се уште чекаат да бидат завршени. За незавршениот мост и во Аеродром објаснување е дека имало проблеми со денационализацијата, за Универзална сала дека имало проблеми во проектот, додека за незавршувањето на реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“, на улиците „Есенинова“ и „Васко Карангелески“ нема фали јасно објаснување…

Претходна вестСе скарале за ред во амбуланта, па и двајцата меѓусебно се пријавиле во полиција!
Следна вестКазнети 196 возачи, 25 возеле без дозвола