Поголеми плати и финансиска независност побараа на денешен протест вработените во институцијата Народен правобранител.
-Без одлагање да се зголемат платите на вработените во Народниот правобранител, затоа што нашие месечни примања во моментот многу заостановаат зад платите на останатите независни и регулаторни тела, како и на вработените во администрацијата воопшто. Потребно ново законско решение со кое вработените во Народниот правобранител, нема да бидат во кругот на вработени опфатени со Законот за административни службеници, туку ќе бидат самостојни и независни, рече Марјан Поњавиќ, претседателот на синдикалната организација на Народниот правобранител.
Според него, секоја Омбудсман институција во светот, па и Народниот правобранител кај нас, треба да биде самостојна и независна, целосно одвоена од институциите спрема кои презема дејствија за заштита на правата на граѓаните, што кај нас не е случај.
-Поради закочената постапка на усвојување на измени на постојниот Закон за народниот правобранител, во моментов не можат да се надминат одредени слабости кои се искажани и нотирани од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на државата, а осбено во Извештајот за реализираната Оценска мисија. Воедно со усвојување на Предлог – Закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобанител кој се наоѓа во Собранието, би се спровела Препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа, која препорачува властите да дадат финансиска независност на Канцаларијата на Народниот правобранител за користење на своите буџетски средства, без да се бара одобрение од Министерството за финансии, а воедно и да се подобри финансиската состојба и мотивација за работа на вработените во Народниот правобранител, рече Поњавиќ.
Според него, за вработувањето во Народниот правобранител и за пополнување на упразнети работни места не би требало да се бара согласност од Министерството за финансии.
-Наведуваме дека е потребно, да се обезбедат посебни средства со буџетот со кои ќе се финансира работата на Народниот правобранител и на Одделот за внатрешна контрола, активности кои со години повремено се финансираат со проекти финансирани од странски партнери. И секако, не помалку значајно, без одлагање да се зголемат платите на вработените во Народниот правобранител, затоа што нашие месечни примања во моментот многу заостановаат зад платите на останатите независни и регулаторни тела, како и на вработените во администрацијата воопшто, рече Поњавиќ.