Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ избран за најдобар на отворениот конкурс во чест на Живко Чинго

Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ на авторот под шифра: „Обид на македонистот“ е избран за најдобар на годинашниот конкурс за наградата „Живко Чинго“ што ја распишува Општина Охрид.

Жири-комисијата, составена од проф. д-р Димитар Пандев, м-р Перчо Божиновски, доц. д-р Мерсиха Исмајлоска, го издои награденото дело поради актуелноста на горливата тема на текстот, вклопена во интертекстуална книжевна матрица со референци на светската и македонската книжевност, со што на авторскиот текст му дава постмодернистички сензибилитет.

Комисијата го истакна задоволството од високиот степен на квалитет на пристигнатите раскази, особено од мошне развиеното јазично чувство кај повеќето од раскажувачите пријавени на конкурсот.

На конкурсот биле доставени 75 раскази, а во потесен избор за наградата влегол и расказот под шифра „Билјанини извори“.

Авторот на наградениот расказ треба најдоцна до 11 август да се јави во Одделението за култура на Општина Охрид, за докажување на авторството со четвртиот примерок. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ што на 13 август се одржува во неговото родно место Велгошти.

Претходна вестСе забрзува ротацијата на Марс, научниците не знаат која е причината
Следна вестСрпски државјанин бил уапсен на скопскиот аеродром, бил баран од Интерпол