Кандидатите на владеачките партии СДСМ и на ДУИ, Сашко Николов и Алија Јаоски се новите градоначалници на Штип и на Пласница избрани на вчерашните предвремени избори што се одржаа во овие единици на локална самоуправа.
Државната изборна комисија ги објави резултатите од избирачките места. На изборите за градоначалник на Штип гласале 14.240 граѓани. Обработени им беа 79 од вкупно 81 избирачко место, вклучувајќи ги овде и гласачките места во казнено-поправните институции. На овие избирачки места гласале 14.077 граѓани, од кои 11.435 за кандидатот на СДСМ, Сашко Николов или 80,30 проценти од гласачите, за Симон Поликарп, кандидат на Интегра гласале 1.173 или 8, 24 отсто, неважечки ливчиња има 805 или 5,65 проценти. Лазар Наумов од партијата ТМРО со 282 гласови е претпоследен во трката за градоначалник, 280 гласови Трајче Митев од група избирачи, а со најмал број освоени гласови е Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“, составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија освои 265 гласови. Доколку во периодот од 48 часа по завршувањето на изборите нема приговори за гласањето и нема прегласување, Сашко Николов ќе биде избран за градоначалник во првиот круг на гласањето, бидејќи согласно Изборниот законик има освоено мнозинство од гласовите во првиот круг на гласањето.
Во Општина Пласница вчера правото на глас можеа да го исполнат 4.954 граѓани на девет избирачки места, цензусот за успешни избори беше исполнет вчера во 15 часот, кога ОИК Пласница објави дека на гласање излегле над една третина од вкупниот број на избирачи. Според податоците на Државната изборна комисија, Јаоски добил 1. 696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.
За исходот од вчерашното гласање беше важно и дали ќе се исполни законски пропишаната минимална излезност од една третина од регистрираните гласачи. На крај и на двете места одѕивот на гласачите беше поголем од 33,33 проценти.
Новиот градоначалник Николов рече дека штипјани го избрале европскиот пат и покажале општествена одговорност.
-Ние граѓаните денеска демонстриравме одговорност и европска политика. Со сите опструкции кои ги имавме во предизборниот молк, денеска граѓаните рака за рака си го изгласаа новиот градоначалник. Моите сограѓани ми дадоа обврска која лично ја преземам, а тоа е да има рамноправност, грижа и потпора за секој граѓанин, изјави синоќа Николов.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека изборите биле потенцијален ризик за зголемување на бројките на заболени со ковид-19 и обвинија за поткуп, закани и притисоци врз граѓаните.
-Најлошо е што политичкото лудило на Заев создава нов кластер ‘избори во Штип’, чија цена се здравјето и животите на штипјани. Подеднакво одговорен за ова е и кандидатот Сашко Николов, кој по сето ова граѓаните нема да го паметат како доктор, туку како политичар за зараза. Се борел за фотелја газејќи преку докторската етика, животите на штипјани со притисоци, поткуп и закани,реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, штипјанецот Иван Јорданов обвини дека гласови се купувале по цена од над 200 евра.