Александар Саша Димитријевиќ, генералниот секретар на СДСМ одржа прес конференција пред Јавното обвинителство. Тој обвини дека скандалот на почетокот на мандатот на новиот јавен обвинител е сеиозен аларм за она што се случува и дека јавниот обвинител требало да биде независен и гарант на правдата.
„Како што рековме, не сме сигурни кога станува збор за изборот на Мицкоски, без оглед на биографијата. Еве, не ни почна со работа, а веќе имаме скандал,“ објасни Димитријевиќ и додаде: „ Мандатот на Ненад Савески започна со одлука да ја предложи Јасмина Костеска-Здравеска за Шеф на Вишото јавно обвинителство Името на Костеска-Здравеска не е непознато. Таа се споменуваше во разговорите од „бомбите“, во комуникација меѓу Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, каде се договара нејзиниот избор. „Таа што сме ја договарале“, „Ја квалификувавме како наша“, „Наша е, кога ќе го видиш ќе ти текне човекот“. Нејзиниот сопруг исто така, дел од процесот за лустрација на Славко Јаневски.
Еве вака почнува мандатот на новиот обвинител. По теркот на Никола Груевски – со договорени судии и обвинители од „тевтерчето“, кое граѓаните многу добро го паметат.
Дали оваа одлука е самостојна на обвинителот Савески или е уште една задача дадена од Христијан Мицкоски?
Затоа што веќе видовме:
– Мицкоски од собраниска говорница му дели задачи на јавниот обвинител.
– Советници на власта и сопруги на функционери на ВМРО се избираат за судии.
– Се води кампања против СЈО за рушење на пресудите и враќање на Никола Груевски.
– Се подготвуваат нови кампањи преку Боки 13 и Катица Јанева, со веќе видени сценарија.
– Се спроведуваат црни кампањи и јавен линч против опозицијата.
Се враќаме во 2016 година! Духот на Сашо Мијалков и Никола Груевски не само што е присутен – тој повторно живее во институциите,“ изјави генералниот секретар на СДСМ



