СДСМ го искара ВМРО-ДПМНЕ за задолжувањето на општините и отиде да ја задолжи Македонија

Македонија полека станува презадолжена земја. Властите земаат обемни кредити како да се еден пар евтини чорапи. Сето тоа ќе го враќаат граѓаните. До кога ќе има презадолжувања?

И за ова презадолжување има партиски пресметки. Последниве две-три недели доволно беше неколку општини во земјава раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ да најават дека ќе се задолжат со обврзници од по неколку милиони евра па да реагираат од владеачката партија СДСМ.

-Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ за речиси година и половина прави долг од над 16 милиони евра, во четири општини. Гази Баба ќе се задолжува со пет милиони, Аеродром со 5.4 милиони евра, Прилеп со пет милиони евра и општина Бутел со два милиони евра. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се покажаа како неспособни расипници, соопшти оваа партија.

Добро е што владеачката партија е загрижена околу тоа што општините ќе се задолжуваат. И тие долгови ќе влезат во вкупниот јавен долг што го има државата.

Но, тие од СДСМ не ја задолжуваат државата со многу, многу пообемни кредити? Кредити кои веќе наликуваат на сидро кое го сопира пловењето на македонскиот брод, а не како она сидро на Заев кое кога го спуштиш на дното тргнува бродот напред.

Податоците за задолженоста на државата веќе со години покажуваат зголемување, без оглед кој е на власта. Долгот од 4,7 милијрди евра во 2017 година сега изнесува 7.226 милиони евра, или 60,8 проценти од БДП. Односно, за пет години откако СДСМ е на власт долгот пораснал за 2.526 милиони евра.

Околу ова, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ многупати реагирала дека се работи за неоправдани задолжувања, дека не се знае каде завршуваат парите, за што се потрошени, дека се трошат за владеачката партија… Се разбира, од СДСМ тоа го отфрлаа, тврдеа дека кредитите се потребни.

Значи, се слушаа исти обвинувања кои што сега владеачката партија ги соопштува за задолжувањата на општините. Излегува дека партиите меѓусобно си се обвинуваат, а задолжувањата си продолжуваат особено на државно ниво.

А развојот кој треба да дојде после кредитите никаде го нема.

Претходна вестДоверливи прогнози на Пентагон: Крим останува руски
Следна вестАмериканците и Канаѓаните тврдат: Не набљудуваат Кинески шпионски балони