СДСМ обвини дека во владејачката коалиција владеат паника, поделби и внатрешен распад, посочувајќи дека пукнатините веќе стануваат јавно видливи. Од партијата тврдат дека по проблемите во ЗНАМ и повлекувањето на пратеник и советничка, сега несогласувањата излегуваат на површина и во ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението, СДСМ го спомена градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, за кого тврдат дека се повлекува бидејќи не сакал да потпишува документи поврзани со, како што велат, спорни бизниси и одлуки што би можеле да носат лична кривична одговорност. Според нив, станува збор за сомнителни новоградби, легализации, финансиски трансфери и фаворизирање фирми.
Од СДСМ велат дека обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја претстават ситуацијата како обично боледување не ја менуваат реалната состојба во партијата. Според опозициската партија, во власта има сериозни внатрешни кавги, недоверба и поделби.
Во реакцијата се наведува и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги отстранил потпретседателите од партијата, што според СДСМ е доказ за растечката недоверба во сопствените редови.
Од партијата додаваат дека сè повеќе функционери, и во ЗНАМ и во ВМРО-ДПМНЕ, не сакаат да бидат дел од, како што велат, систем на криминал, злоупотреби и корупција. Во соопштението се наведува и дека по политичките случувања во регионот се очекуваат сериозни истраги за политичко-криминални мрежи, во кои, според СДСМ, би можеле да бидат опфатени и претставници на актуелната власт.
СДСМ порача дека „доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“.



