Се чествува Свети Никола, заштитник на немоќните и една од најчестите слави во Македонија

Православните христијански верници во Македонија денеска го чествуваат Свети Никола, празник посветен на големиот светител и една од најчестите домашни слави во наша земја. Празникот Свети Никола заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија. Славањето започна од вчера кога голем број од православни верници прават заслуг, или чествување спроти слава, почеток на славење на светителот, заштитник на домот.Одбележувањето кулминира денеска кога во домовите се подготуваат посни трпези околу кои се собирата домашните, роднините и пријателите.

Свети Никола имал многу возбудлива животна приказна. Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Младиот Никола растел во такво нестабилно опкружување. Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Никола е избран за архиепископ мирликиски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.

Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква „Мирликиска митрополија“, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот „Свети Јован Претеча“.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник „Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога.

Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа. Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен. Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.

Свети Никола е еден од светителите што ги празнуваат сите христијани и имаат еднаква почит кон него, и католиците и православните, но интересно е што го празнуваат и протестантите. Исто така, името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола. Во Македонија и во светот има многу цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец.

Празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа е прв запишан случај на одбележување домашен празник кај словенските народи. Празнувањето се случило во градот Девол, кој денес не постои. Тој град се наоѓал јужно од Охрид. Еден наш војсководец, Македонец, по име Ивец, празникот Успение на Пресвета Богородица, Голема Богородица (на 28 август, по нов календар), го празнувал како своја домашна слава или крсно име, како што стои во записите.

Претходна вестСончево со мала до умерена облачност
Следна вестКазнети 166 возачи во Скопје, 56 возеле пребрзо, 31 бил пијан…