Се празнува Божик, денот на раѓањето на Исус Христос, на мирот и на добрата волја меѓу луѓето

Со меѓусебен поздрав „Христос се роди – Ваистина се роди“, посети на црковни храмови и семејни собири со свечени трпези православните христијански верници од денеска го празнуваат Рождеството Христово – Божик. Денот на раѓањето на Исус Христос, заедно со Велигден е еден од двата најголеми празници во христијанството. Во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе се одржуваат празнични богослужби а централната ќе биде во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде од 9 часот ќе началствува архиепископот г.г. Стефан. Денеска се врши и причестување на верниците по истекот на празничниот пост, се зема нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв.

Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Во Евангелијата во Новиот Завет е опишано раѓањето на Господ Исус Христос. На настанот му претходи одлуката на тогашниот римски император Август да се изврши попис на населението во Империјата. Тогаш родителите на Исус, праведен Јосиф и Света Дева Марија пристигнале во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов. Немајќи каде да преноќат, тие отишле во пештерата каде ноќевале пастирите и во која се случило раѓањето. Светлината и гласот на ангелите беа првите вести што ги видоа и слушнаа пастирите “Не бојте се! Денеска се роди Спасителот, кој е Христос Господ: и еве Ви знак: ќе најдете Младенец повиен во јасли”. И ангелскиот хор веднаш ја запеа песната “Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја”. На поклонение дошле и тројца вавилонски мудреци, носејќи му дарови: злато, ливан и смирна. Овие дарови симболизираат: ливанот – бог, смирната – човек и златото – цар.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

 

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на 4 век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

Христијанските теолози нагласуваат дека со Божик се слави фактот дека Бог станал човек и дека дожол на земјата. Се покажало дека Христос, син Божји кој е роден како човек од Дева Марија, е еднаков со луѓето, освен во гревот бидејќи тој е безгрешен. Тој е спасител кој дошол да ги спаси луѓето и да им покаже дека и тие можат да бидат како него во нивните животи, да бидат добри како што е добар Бог.

Божиќ е највеселиот празник и се слави три дена. Првиот ден се поминува дома со семејството, не се оди на гости и не доаѓаат гости. Вториот ден од Божиќ се нарекува „Божји ден“, но е посветен на Богородица. На овој ден луѓето се дружат и одат на гости. Третиот ден е слава за свети Стефан, ѓакон кој страдал за верата.

Инаку, православните верници синоќа традиционално си го прославија Бадник, денот кој му претходни на Божик. Во семејствата се подготвија трпези исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. На Бадник во најголем дел од домовите се меси лепче, пита или погача во која се става пара. Домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши лепчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.

 

Претходна вестУапсен напаѓачот кој пукаше во двете момчиња во Косово
Следна вестСончево со малку облаци и температури до 16 степени