Лице на возраст од 60 години од Скопје кое било хоспитализирано на Клиниката за Пулмоалергологија во Скопје е прв смртен случај асоциран со грип забележан во изминатава седмица, соопшти денеска Институтот за јавно здравство.
-Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни и белодробни) и не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена инфлуенца А несубтипизиран, стои во соопштението од Институтот за јавно здравје.
Според статистиката која ја објави ИЈЗ во последната недела пријавени биле 93 случаи на грип, најголем број во Тетово – 38, потоа во Гостивар – 16 и Куманово – 14. Лабораториските наоди велат дека станува збор за грип од типот А. Од Институтот велат дека во споредба со претходната недела, во текот на 49 недела од годинава (од 5 до 11 декември), пријавени се 93 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип или зголемување од 60,3 проценти.
Во однос на возрасната дистрибуција, 51 лица се на возраст од 15-64 години, 25 кај деца на возраст од 5-14 години, 9 лица на возраст над 65 години и 8 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца (11,6/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.


