Шефот на „Гугл“ лани добил 226 милиони долари плата и надомест

Сундар Пичаи, извршниот директор на „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“, доби вкупно 226 милиони долари плата и надомест во 2022 година, што е над 800 пати повеќе од просечната плата на вработените во компанијата. Неговата годишна плата била два милиони долари, се вели во извештајот што компанијата го доставила до регулаторот.

Згора на тоа, на Пичаи му беа доделени 218 милиони долари за минатогодишниот бизнис, а пакетот за компензација вклучуваше скоро 6 милиони долари за лично обезбедување. Просечната годишна исплата на вработените во „Алфабет“ во 2022 година, пак, била 279.802 долари, така што надоместокот на извршниот директор бил 808 пати повеќе.

Другите извршни директори на „Алфабет“ и „Гугл“ заработија приближно 22 до 35 милиони долари во годишни награди за акции, покажа извештајот. Тој извештај беше објавен во време кога „Алфабет“ започна со реструктуирање на своето работење, вклучувајќи го и намалувањето на бројот на работници за 12.000, што започна во јануари и достигнува 6 отсто од вкупниот број вработени.

Финансиската директорка на „Гугл“, Рут Порат, на почетокот на април најави дека компанијата ќе постигне дополнителни заштеди со намалување на бројот на лаптопи и услуги. Патем, компензацијата на извршните директори стана особено чувствителна тема во технолошката индустрија, особено по бранот отпуштања во голем број компании.

Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, ги намали своите исплати за оваа година, откако ги налути вработените земајќи 100 милиони долари плата и компензација во последните две години.

Претходна вестМаск: Ве молам да произведувате литиум, а не апликации за споделување фотографии
Следна вестГраѓани повторно каснати од кучиња скитници во Скопје