Шест тинејџери во Франција денеска ќе се појават пред суд, обвинети за вмешаност во обезглавувањето на наставник по историја

Шест тинејџери во Франција денеска ќе се појават пред судот зад затворени врати, обвинети за вмешаност во обезглавувањето на наставникот по историја Самуел Пати од страна на осомничен исламист во 2020 година во напад што ја потресе земјата. Наставникот им покажал на своите ученици карикатури од пророкот Мухамед на час за слобода на изразување, што налутило голем број родители муслимани. Муслиманите веруваат дека секое прикажување на пророкот е богохулно, пренесува „Ројтерс„.

Едно од малолетниците е 15-годишно девојче кое наводно им кажало на своите родители дека Пети покажал карикатури од пророкот во нејзиното одделение. Таа ќе одговара за лажно обвинение откако ќе се утврди дека не била на часот кога тоа се случило.

Пати (47) бил убиен пред своето училиште во предградието на Париз од 18-годишен напаѓач, роден во Русија со чеченско потекло, кој бил застрелан од полицијата веднаш по нападот.

Петте други малолетници кои ќе бидат кривично гонети, на возраст меѓу 14 и 15 години во моментот на нападот, ќе одговараат за криминален заговор. Тие се осомничени дека му укажале на убиецот за Пати или помогнале да се следи неговото излегување од училиштето.

Сите шест малолетници се упатени на детскиот суд и може да добијат 2,5 години затвор. Рочиштата, кои треба да траат до 8 декември, ќе се одржуваат зад затворени врати. Обвинети се и осум полнолетни лица кои ќе се појават пред специјален кривичен суд.

Франција е дом на најголемото муслиманско малцинство во Европа и претрпе бран напади од исламистички милитанти или нивни симпатизери во изминатите години. По убиството на Пати, некои наставници признаа дека се цензурираат за да избегнат конфронтација со учениците и родителите околу религијата и слободата на говорот.

Претходна вестМиовски избран во тимот на колото во Шкотска
Следна вестАХВ: Се повлекува негазирана флаширана вода, ризична е по здравјето на луѓето!