Што се случи со кривичната пријава околу дивоградбата кај Мавровка?

Десеттина дена откако јавноста виде дека повторно се поставуваат столбови на местото на поранешното кафуле „Фонтана“ кај ТЦ Мавровка- овој пат не бетонски туку метални, никој не објасни што се случи со кривичната пријава што ја поднесе МВР против сопственикот. И не само последните десет дена, туку и претходно, случајот како да згасна со уривањето на дивоградбата.

Имено после уривањето на бетонските арматури, лани, откако сопственикот – кој инаку го знаеја сите, само за градоначалникот на Чаир беше „непознат“ – не презема одговорност, против него беше поднесена кривична пријава. Иако објектот државата го урна по неуспешните обиди да се избере компанија на конкурс за да го стори тоа, одговорноста на сопственикот за направената штета ниту може ниту треба да се избрише.

Па така сега како да се подзаборави за кривична одговорност на истото лице, кое безмалку со потерница и како на филм се бараше. Напротив, сега, за градоначалникот на Чаир, сопственикот на „Фонтана“ има право да постави метални столбови:

– Согласно законот за градење, согласно проектот, сопственикот има дозвола да гo врати објектот во првобитната состојба. Нема бетон, столбовите не се бетонски, тоа е лесна конструкција, е пораката од Општина Чаир.

Претходна вестСтуденти со протест бараа повлекување на образовната реформа
Следна вестВиртуелен роденден на уметноста слави МКЦ во петок