Најавена е значајна американска инвестиција поврзана со експлоатација на антимон во близина на Крива Паланка. Како што кажа премиерот Христијан Мицкоски инвеститор од САД ќе изгради топилница во Оклахома, каде што ќе се преработува рудата што ќе се извезува од Македонија.
Инаку, антимонот е редок и стратешки важен метал кој има широка примена – од батерии и електроника до одбранбената индустрија. Токму поради неговата ограничена достапност и големата побарувачка тој се смета за една од критичните суровини во светот.
Според достапните геолошки податоци, во источниот дел на Македонија се проценува дека има неколку десетици илјади тони резерви на антимон, со
значаен потенцијал за дополнителни истражувања и експлоатација.
А со оглед на тоа дека останатите големи пронаоѓалишта се во Кина и Русија, јасна е намерата на САД за обезбедување алтернативен извор на
овој редок метал. Со ова, Македонија може да се позиционира како значаен светски снабдувач на антимон и е шанса за отворање нови работни места и зголемен прилив на девизи.
Инаку, освен овој редок метал, Македонија го има и рудникот Алшар на Кожуф што е најголемото светско пронаоѓалиште на минералот лорандит.
Се проценува дека таму има неколку десетици илјади тони руда со лорандит и сродни минерали, што го прави локалитетот глобално значаен,
не само економски туку и научно. Освен во Македонија, лорандит е пронајден и во САД, Италија и Кина, но во многу помали
количини.






