Силен земјотрес во Авганистан, најмалку 255 жртви, повеќе од 500 повредени…

Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала изутрина го потресе подрачјето на авганистанската провинција Пактика при што загинаа повеќе од 255 лица а има и над 500 повредени. Се стравува дека бројот на жртвите и на повредени лица ќе биде уште поголем бидејќи тој се случил во периодот кога многумина граѓани се уште спиеле.

Земјотресот се случил на околу 44 километри од градот Хост, во близина на пакистанската граница, на длабочина од 51 километар, соопшти Геолошкиот институт на САД. Тој беше силно почувствуван и во пограничните подрачја на Индија и Пакистан.

-Силни и долги потреси, објави жител на авганистанската престолнина Кабул на веб-страницата на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

На фотографиите на авганистанските медиуми се гледаат куќи претворени во урнатини.

Шефот на Министерството за природни катастрофи на талибанската администрација, Мохамад Насим Хакани, рече дека најголем дел од загинатите се во провинцијата Пактика, каде што загинаа 100 луѓе, а 250 се повредени. Уште 25 лица се убиени во Хост и пет во провинцијата Нангархар.

 

Претходна вест149 сообраќајни прекршоци во Скопје, 14 возеле без возачка дозвола
Следна вестПендаровски го советува Ковачевски да не оди во Брисел само за да се слика