Независните синдикати на полицијата и на армијата за в сабота најавија предупредувачки протест на кој ќе побараат усогласување на платите во однос на новиот закон за минимална плата.
Од Независниот синдикат на полицијата велат дека на доставените барањата до премиерот, до вицепремиерот за економски прашања, министерот за финансии и министерот за внатрешни работи, се уште не добиле одговор.
-Ќе биде предупредувачки протест бидејќи се уште очекуваме импулс и сигнал од наведените институции за кои веќе потенциравме дека очекуваме да бидеме примени. Не бараме ништо повеќе, бараме само почитување на законите кои се однесуваат за платите на вработените во полицијата, велат од Синдикатот.
Од Независниот синдикат на професионални војници најавија дека доколку по предупредувачкиот протест нема рекација од институциите, војниците ќе наместат шатори пред Влада.
Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, пак, испрати апел до надлежните протестот да го сфатат сериозно, тој оцени дека од големо значење е парламентарците да го решат проблемот со блокираните закони.
Протестот ќе започне пред МРТ во 11 часот, од каде учесниците ќе се упатат пред Владата.




