Скопјанец пукал со пиштол во Чаир, се истражува вмешаноста на заменик-директорот на Биро за јавна безбедност

Скопјанец кој синоќа во Чаир пукал со пиштол во инцидентот што се случил на улица „Македонско-косовски бригади“ и се предал на полицијата, соопшти денеска МВР. Но, врзано со овој настан, медиумите јавуваат дека се истражува и вмешаноста на актуелниот заменик – директор на Бирото за јавна безбедност Ариф Асани.

МВР во соопштение наведува дека на 23.05.2022 е пријавено дека околу 19.45 часот полициски службеник од ЕВР Чаир во близина на ресторан на ул. „М.К. бригада“ во Скопје запрел возило „мицубиши“ кое имало вклучено т.н. флешери.

-Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколку лица, при што физички го нападнал полицискиот службеник. На местото на настанот пристигнале и други полициски службеници, кои биле нападнати од групата. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен, а од пукањето нема повредени лица. Потоа дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, по што М.Љ. се дал во бегство. За М.Љ. бил распишан централен распис, но тој во текот на денешниот ден сам се пријавил во полициска станица, се наведува во информацијата.

МВР додава дека е известен и јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, обезбеден е пиштолот и видео снимки од настанот и се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Дел од медиумите денеска објавија дека возачот на сопреното „мицубиши“ се претставувал дека работи за заменик-директорот и го повикал по телефон за да влијае на полицискиот началник и да го пушти. Потоа пристигнала и група од повеќе лица кои барале возачот да биде пуштен. Но, водачот на полицискиот тим тоа го одбил. Тогаш настанал и инцидент по што бил испукан и куршум.

Претходна вестФранцузин уапсен на Бит Пазар
Следна вестБронзен медал за Јан Стојановски на Европската олимпијада по физика