Скопје да расте во ширина или во висина, зеленилото ќе биде од дрвја или од фарба?

Скопје е пренатрупан град кој и понатаму урбанистички се осакатува. А нели требаше да има нов Генералниот урбанистички план на метрополата и недорешеностите да завршат?

Дали Скопје уште да се шири, во која насока, колку да има зеленило, кои нови сообраќајници да има, колкава густина на населението, како да се прават новите општински ДУП-ови…? Сето ова се прашања на кои се уште се нема одговор бидејќи веќе цела година доцни изработка на ГУП-от на Скопје, а кој треба да има важење од 2022 го 2033 година.

Некаква процедура за негова изработка е започната, ама се чини уште се многу далеку од неговото завршување. А ГУП-от веќе од поодамна требаше да им биде претставен на граѓаните и на десетте скопски општини за да знаат како Градот ќе се развива во претстојната деценија.

Но, наместо тоа, се случува застој со кој дури и скопските општини немаат можност да ги кажат своите желби и урбанистички потреби, а кои потоа би биле вклучени во ГУП-от.

– Преиспитување на потребата од булеварот Крушевска Република, ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда, конкретни насоки како да се третираат земјиштата продадени со јавно наддавање, зелен појас покрај Вардар, а веднаш до него и градежен појас по целата должина на реката, зградите да одат во висина наместо во ширина и ред други барања од општинските градоначалници веќе се подготвени и чекаат градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да ги побара, објави агенцијата „Макфакс“.

Се наведува дека општина Центар во новиот ГУП ќе побара да да се преиспитаат наменски употреби на земјиштето во дадени градски четврти (ГЧ И05 – Маџир Маало).

-Бараме да се преиспита потребата од булеварот „Крушевска Република“, кој разделува повеќе историски маала, ќе побараме поврзување на некои градски четврти, кои биле раздвоени со претходниот ГУП, а историски отсекогаш претставувале целини, ќе побараме дислокација на индустриските капацитети на територијата на општината…, објаснуваат од Општина Центар за „Макфакс“.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски со свое видување:

-Деловите покај кејот на Вардар треба да се редефинираат. Да има простор во ширина од 50 до 80 метри од брегот, кој ќе биде резервиран за паркови, а во другиот дел да се предвиди градежен појас и така да биде не само во Карпош туку и во другите општини низ кои минува Вардар.Новиот ГУП треба да го уреди просторот зад Зајчев Рид, да го урбанизира Бардовци, да го заштити Водно како белодробни крила на Скопје, но сепак да не се избрише јужната обиколница, која треба да се гради на сметка на зеленилото. Ќе се залагам за тоа новите згради да одат во височина за да на земјата да остане што е можно повеќе простор за паркови, потенцира Јакимовски.

Во Кисела Вода се бара ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда.

-Проекти што се навистина значајни се ограничувањето на бројот на станбени единици при градењето куќи со цел да се спречи изигрување на законот и градење згради на име А1 (домување), потоа проектот за подземно пробивање јужен булевар, секако неизоставен дел би било имплементирањето идејното решение за Расадник за кое веќе ни пристигнаа 5 решенија на распишаниот конкурс и сме во исчекување уште некое, кое би стигнало по пошта, бидејќи од досегашното искуство пратките од странство сериозно доцнат , велат од Општина Кисела Вода.

Дислокација на загадувачката индустрија од населените места е меѓу главните барања за ГУП од Гази Баба.

-Насоките што Општина Гази Баба ќе ги даде за новиот ГУП се, пред сè, заштитата на животната средина, поголем процент на застапеност на зеленило во рамките на општината, нови спортски локации, можност за дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места на општината, можност за изградба на нова инфраструктура…. соопштија од оваа скопска општина.

Останатите скопски општини – Аеродром, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Чаир, исто како и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не одговориле на прашањата на „Макфакс“ за оваа тема.

За потсетување: Поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов во 2019 година изјави дека „Новиот ГУП ќе го развива северниот дел на Скопје“.

– Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот… изјави тогаш Шилегов.

И така, некои кажуваат свои видувања, ама тоа да се конципира – осмисли и стави во ГУП-от засега го нема. Во меѓувреме Скопје си расте и во висина и во ширина И БЕЗ ПЛАН.

Како тргнало, повеќе зеленило во градот ќе има од фарбање отколку од дрвја.

Претходна вестСкопје низ фотографии во библиотеката „Браќа Миладиновци“
Следна вестМОН ќе додели 3.500 средношколски стипендии од по 3.500 денари: 300 за талентирани ученици, 1.500 за стручно образование…