Со лажење и крадење туѓи проекти, не се прави рејтинг, му порача Градот Скопје на бутелскиот градоначалник Костовски

Вистинска срамота е кога функционер избран на непосредни избори од граѓаните, се кити со туѓи перја и лаже дека реализира свој, кога впрочем станува збор за туѓ проект, му порача денеска Градот Скопје на градоначалник на скопската општина Бутел Даерко Костовски.

До реакцијата дојде откако градоначалникот Костовски на Фејсбук се пофали дека започнала реконструкцијата на улицата „Радишанска“.

-Почна „Радишанска“ од трет влез до последна 57. Особено ми е драго што почна да се реализира проект за кој лично се залагав пред изборите, но уште повеќе по изборите. Конечно овој голем проблем ќе биде надминат. Ветеното се реализира, напиша во објавата Костовски.

Во соопштението на Градот Скопје се наведува дека улицата „Радишанска“ е проект кој во целост се реализира од градот Скопје – од проектирање, преку финансирање, до реализација.

-Општина Бутел, а уште помалку градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски има било каков придонес во овој проект. Срамно е ваквото лажење на сопствените граѓани и соседи кои својата доверба ја дале на човек кој не е способен да реализира свои проекти, па мора да лаже дека реализира ветување за проект во кој тој нема никаква допирна точка. Улицата „Радишанска“ е градска улица, што дополнително ја прави објавата на Костовски манипулативна, особено бидејќи покажува колку тој не ја познава својата работа и ингеренции. Оваа улица е дел од проектот „Скопје без заборавени населби“ од програмата „За Модерно Скопје“, потенцираат градските власти.

Се ддоава дека со исполнување на ветувањето за целосна реконструкција на една од најважните сообраќајници под надлежност на Град Скопје во општината Бутел, улицата „Радишанска“ се обновува во должина од 1.100 метри.

-Го реконструираме коловозот на улицата на површина од 7.363 м2, рабниците и тротоарите, а граѓаните од овој дел на градот, ќе добијат соодветно партерно уредување и реконструкција на последната автобуска постојка на линијата број 57, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Претходна вест„Леден прст на смртта“, убива се што ќе допре
Следна вестЛевица: Пензионерите со најмали пензии треба да добијат најголемо зголемување