Со „Набуко“ вечерва се отвора 51. издание на Мајски оперски вечери

Со премиерната изведба на „Набуко“ од Џузепе Верди во Националната опера и балет во Скопје вечерва, на 9 мај, ќе биде отворено 51. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Фестивалскиот оган за време на свеченото отворање ќе го запали маестро Томислав Шопов и ќе следи премиерата на операта „Набуко“, а на 12 мај ќе се прикажува балетот „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски.

Поради големиот интерес на публиката, распродадени се билетите за „Набуко“ и „Лебедово езеро“.

На 17 мај ќе се прикажува операта „Кармен“ на Жорж Бизе, на 21 мај „Травијата“ од Џузепе Верди, а на 26-ти мај „Реквием“ од Џузепе Верди, каде што ќе свири оркестарот на Филхармонија и хорот на НОБ. На 31 мај свеченото затворање ќе биде со операта „Аида“. Со „Реквием“ на Верди ќе се одбележи и јубилејот 210 години од неговото раѓање.

Директорот на Национална опера и балет, Васо Ристов вели дека „Набуко“ последен пат била обновена на 25 февруари 2003 година. На редовниот репертоар последен пат била изведувана на 7-ми декември 2017 година.

Вердиевата опера во НОБ ја постави екипа од Италија: Ренато Бонајуто како режисер и Тереза Гаргано како асистентка, Флавио Арбети како сценограф, и Артемио Кабаси како костимограф. Ќе диригира Даниеле Аџиман исто од Италија.

Претходна вестМакедонски државјанин ја избодел својата жена во Германија, со нож ја бркал по улица
Следна вестОсум години од терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље“